Успешни Македонци низ светот: Д-р Билјана Талевска е дерматовенеролог во Шведска – почетокот бил ужасно тежок
Постои ли можност за брз напредок во кариерата во Шведска?
Напредокот во кариерата е неизбежен ако имате амбиција за работа и развој, немате никакви препреки, ако сте квалитетен доктор и личност, многу лесно можете да го достигнете посакуваното ниво.

Колку често си доаѓате во Македонија? Што ви недостасува најмногу?
Во Македонија си доаѓам 3-4 пати во годината, ми недостига семејството: моите родители, мојот помал брат, снаата, внуците, пријателите, кумовите и секако мојата Битола и Широкиот сокак со сета негова убавина.
Ми недостига социјалниот живот, нашите шеги, нашата традиционална храна и убавините на нашата Македонија.
Какви се луѓето таму? Како ве прифаќаат локалците? Како ви изгледа животот и секојдневието?
Ќе ви зборувам за луѓето од моја лична перспектива што не значи дека секој ќе се согласи со мене, но и тука како и насекаде има „шарени луѓе“ луѓе кои се комуникативни, хумани, добри, но и такви кои се позатворени и ладни.
Лично јас сум прифатена доста добро и не чувствувам никаква дискриминација од страна на колегите или пациентите, често пациентите се трудат да погодат од која земја доаѓам, бидејќи го чувствуваат славјанскиот акцент додека им зборувам, но досега само еден погодил од прва дека доаѓам од Македонија.

Што ви се допаѓа најмногу, а што најмалку од животот и работата таму?
Ми се допаѓа дисциплината кај луѓето, тоа што никој нема да те пререди додека чекаш на ред, тоа што зборуваат тивко, тоа што почитуваат време, тоа што се љубезни и насмеани во маркети и продавници, ти посакуваат убав ден на улица, случајни странци те поздравувват кога поминуваат покрај тебе.
Ми се допаѓа еднаквоста на работното место, почитувањето меѓу колегите, правото на глас и мислење, немањето на конфликти, немањето на его и супериорност, тоа ми се допаѓа.
Што не ми се допаѓа? Не ми се допаѓа студот и темното време во зимските месеци, на тоа никако не навикнав.
Колку е поразлична праксата за естетска медицина таму од Македонија? Што најмногу бараат пациентите во Шведска?
Кога станува збор за естетиката, Шведска стои на доста високо ниво, но слободно можам да тврдам дека и земји од источна Европа, тука ја вклучувам и Македонија, стојат на исто рамниште со Шведска.
Различното е што тука пациентите (секако не сите, но повеќето) се информираат доста за типот на процедурите кои ги изведуваме, нивната безопасност и секако за докторот и неговата компетентност.
Пациентите најмногу бараат процедури со кои ќе изгледаат одморено и свежо, сакаат да бидат подобра верзија на самите себе, барем мојата клиентела го бара тоа, бидејќи јас сум еден од докторите кои не е приврзаник на големите волумени и артефицијален изглед.
Има ли разлики во пристапот, дијагностиката и лекувањето на кожни заболувања во Шведска и во Македонија?
Да, има разлика, комфорот како лекар што го имам тука се должи на големиот избор на дијагностички методи, како и достапни терапии кои се многу скапи, удобноста е во тоа што тие се субвенционирани за пациентите, т.е пациентите плаќаат една определена сума на годишно ниво која е релативно мала, а остатокот од сумата го плаќа државата.
Како вие како доктор го негувате вашето лице и кожа? Имате ли направено естетски корекции или други третмани за разубавување?
Лицето го негувам пред сè со добра хигиена и козметика, естетски процедури имам и ги правам редовно, никогаш не претерувам и сум фан на природниот изглед.
Што никогаш не правите вие, благодарение на искуството од работата кое го имате?
Нешто што апсолутно не го правам е да излезам без фотозаштита, фотозаштита со висок фактор користам скоро цела година, во Шведска зимскиот период нема сонце, но тој период ми е за патувања во потоплите земји.
Ботоксот ми е омилена процедура мене лично и ја правам редовно бидејќи ми помага и против главоболка.
Мезотерапиите и иглените терапии како microneedling исто ги практикувам бидејќи го стимулираат колагенот и даваат изглед на свежа и здрава кожа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
