Успешни Македонци низ светот: Д-р Билјана Талевска е дерматовенеролог во Шведска – почетокот бил ужасно тежок

„Почетокот беше ужасно тежок, со 13-месечно бебе се преселив во земја за која не знаев ништо освен дека е ладна и асоцијална. Додека го учев јазикот не работев како лекар. Тука не постојат авторитети, сите сме на исто ниво, независно дали е шеф на клиника или хигиеничар“ - вели за CRNOBELO.com д-р Билјана Талевска Антоновски, која работи во приватна клиника во Шведска како дерматовенеролог. 

uspeshni-makedonci-niz-svetot-d-r-biljana-talevska-e-dermatolog-vo-shvedska-01.jpg

Д-р Билјана Талевска Антоновски од Битола работи како специјалист дерматовенеролог во Стокхолм, Шведска.

За CRNOBELO.com таа раскажува колку бил тежок почетокот, кога со 13-месечно бебе одлучила да се пресели и да работи во непозната земја. 

Од учење на јазикот, до тоа како е прифатена кај локалците и колегите, но и праксите на работа кои се поразлични од Македонија и начинот на кој функционира здравството, прочитајте во продолжение. 

Д-р Билјана Талевска Антоновски за CRNOBELO.com:

Кога се преселивте во Шведска, што ве однесе таму, а што ве задржа?

Во Шведска се преселив 2017 година во октомври, преселбата се случи многу спонтано и многу брзо, после моето породилно требаше да одлучам дали ќе останам да работам во Македонија или ќе направам пресврт и ќе се обидам во странство, и јас се одлучив за второто.

Кога ќе си го вратам филмот назад, сега знам дека одлуката била доста храбра, но истовремено и малку луда, бидејќи бев мајка на 13-месечно бебе.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-d-r-biljana-talevska-e-dermatolog-vo-shvedska-02.jpg

Колку ви беше тешко и колку време ви требаше да се навикнете на животот во Стокхолм? Лесно ли го научивте јазикот?

Почетокот не беше тежок, туку беше ужасно тежок, се преселив во земја за која не знаев скоро ништо освен тоа дека е ладна и асоцијална, а во Македонија си ги оставив пријателите и целото семејство.

За јазикот и да не зборуваме, и покрај тоа што се декларирам како човек што му одат јазиците, шведскиот ми се виде доста тежок.

Курсот за јазик го почнав само 3 седмици откако стапнав во Стокхолм и успеав да стигнам до максималното ниво за година и половина, патот беше макотрпен, бев повторно студент и посетував настава по 7-8 часа на ден.

За тоа време не можев да работам како лекар бидејќи условот за лиценца беше завршено Ц ниво.

Тука мора да ја спомнам помошта од сопругот и семејството, без нив немаше да можам да успеам да завршам за толку краток период.

Поминавте ли низ некакви предизвици во поглед на професијата и работата? Колку беше тежок процесот?

Откако го научив јазикот, работите тргнаа на подобро. Процедурата за да отпочнам работа беше многу полесна бидејќи имав европска диплома која ми беше веднаш призната.

Шведското Министерство за здравство откако ги комплетира моите документи ми ја додели лиценцата буквално за неколку дена.

Тука ќе ви раскажам една смешна случка, мислев дека доделувањето на лиценцата ќе биде некој свечен чин каде ќе ми доделат некаква фасцикла испишана со златни букви, а тие ми пратија лиценца по мејл на која беше напишано моето име и презиме и лекарскиот број под кој сум регистрирана тука и толку.

Од тој момент па натаму бев слободна да си барам работа, пратив CV на 2-3 места и после една седмица ме контактираа за интервју од една кожна клиника.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-d-r-biljana-talevska-e-dermatolog-vo-shvedska-06.jpg

Како бевте прифатени како доктор од Македонија? 

Образованието го завршив во Пловдив Бугарија, како општата диплома, така и дипломата за специјализација ми беа признати во Шведска.

Сепак се водам како македонски доктор и како таков бев многу добро прифатена од колегите во клиниката.

Колективот каде што ми беше првото работно место, а и сегашниот колектив се од различни земји од Европа.

Работам со Романци, Литванци, колеги од Исланд, Јордан, Русија, Грција, Иран и можам да кажам дека сите сме третирани на исто ниво како шведските доктори.

Дали работите во приватна или државна болница? Колку е поразлично искуството од Македонија?

Клиниката во којашто работам денес е приватна клиника која работи со шведскиот фонд за здравство, т.е имаме и приватни и државни пациенти.

Приватните пациенти можат да си букираат термин сами на онлајн платформи, но имаме и такви кои доаѓаат со упат од матичен лекар.

Искуството тука е поразлично отколку работата во Македонија, бидејќи се работи во тим, многу се помага, има доволно ресурси за поставување на брза и прецизна дијагноза.

Имаме секојдневна комуникација со колеги патолози кои нас ни се многу важни, но и сите останати колеги од други специјалности на кои можеме да им пратиме прашања во врска со пациент и за краток рок да добиеме одговор.

Комуникацијата помеѓу колегите е клучна за брза и правилна дијагностика на заболувањето, како и изборот за најдобра терапија за пациентите.

Не постојат авторитети, сите сме на исто ниво, нема персирање, сите се обраќаат на другиот со ТИ, независно дали е шеф на клиника или хигиеничар, сите сме исто.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-d-r-biljana-talevska-e-dermatolog-vo-shvedska-04.jpg

Како функционира здравствениот систем во Шведска?

Здравствениот систем во Шведска си ги има своите плусови и минуси, впрочем не постои идеален здравствен систем во никоја земја.

Ќе зборувам од лична перспектива, примарното здравство споредено со Македонија можеби и не е толку добро за нас дојденците, ние сме навикнати да отидеме на матичен доктор истиот ден кога ќе побараме термин, тука најверојатно тоа нема да биде возможно, и ќе треба да почекате неколку дена до неколку седмици.

Ако ситуацијата е итна се оди во центрите за брза помош, но тука часовите на чекање за да видите лекар можат да бидат доста долги, понекогаш 9-10 па и повеќе часови, што е фрустрирачки, но системот сепак некако функционира.

Терцијарното здравство или посетата на специјалист е сосема на друго ниво, тука веќе добивате врвна услуга, се користат сите можни ресурси, човечки и апаратни, и секако како најважно, многу хуман однос спрема пациентите.

Продолжува на следната страница... 



Би можело да ве интересира:

Али Риза од Пакистан 8 години живее во Македонија: „Работам во суд, тука платите се подобри отколку ... „Јас ја напуштив својата држава со цел да најдам подобар живот и очигледно тоа г...
Еден ден со д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург: „Станувам во 5h, возењето мотоцикл ми е из... „Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми ...
Сандра Ш. Каевска со семејството живее во Шведска: „Првите 3-4 години често размислувавме да се врат... „Првите три до четири години ни беа навистина тешки и често размислувавме за вра...
Каде е денес Боби Андонов, момчето родено во Австралија, кое ја претставуваше Македонија на Јуниор Е... „Моите родители потекнуваат од мали села околу Струмица. Секогаш бев тажен ...
Деми од Холандија се пресели во Македонија: „Мајка ми е Македонка, татко ми е Србин, а Шабан Шаулиќ ... „Во Холандија сè е поиспланирано и луѓето имаат брз живот. Гледам дека тоа полек...
Биљана Анѓушев 10 години живее во САД: „Отидовме со 13-месечно бебе, тешко најдовме работа со сопруг... „Моето семејство сметаше дека веќе имаме сè што ни треба во Македонија. Мис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg