Љубовната приказна на Драгана и Антонио: „Го запознав на 18 години, а првиот состанок ни беше искачување на Водно“
- Детали
- понеделник, 19 јануари 2026
„Избравме невообичаен состанок бидејќи и двајцата во тој период бевме спортисти, па сакавме нешто автентично. За жал, јас поради спортска повреда морав да се повлечам од спортот, а тој сè уште е професионален фудбалер“, вели Драгана Илиески (25) од Скопје за љубовта со сопругот Антонио Илиески (29).

Драгана Илиески (25) од Скопје и Антонио Илиески (29) од Скопје се основачи на малиот бизнис „Замрзнато шумско овошје“, а Антонио е активен и како професионален фудбалер.
Драгана за себе вели дека е девојка вљубена во модата, креативна, полна со инспирација, динамична и секогаш со око за детали, а, пак, Антонио е фудбалер, навикнат на дисциплина, рани тренинзи и јасни цели. Но, токму таму каде што се сретнуваат спортот и стилот, се родила нивната заедничка приказна.

Тие велат дека во нивната кујна секојдневно се готви смути и здрави оброци, а денот им започнува во гужва и брзање да се завршат обврските. Нарачки, достава, пораки, телефон што не престанува да ѕвони... Но, баш тој хаос им дава мотивација и ги претставува како тим.
На Антонио секој викенд му е резервиран за натпревари, а преку недела има напорни тренинзи.
За жал, моментално паузира бидејќи закрепнува од повредата што ја доживеа во месец јули месец.
Имал тешка операција на коленото со која се здобил на натпревар додека играл за неговиот последен клуб во Косово.

Драгана вели: „Нашата приказна е доказ дека кога љубовта, страста и работата се спојуваат, хаосот станува мотивација, a соништата план“.
Таа за CRNOBELO.com ја споделува нивната љубовна приказна:
„Мојот партнер го запознав преку социјални мрежи, а нашиот прв состанок беше многу интересен.
Тоа беше искачување на Водно, избравме ваков спонтан и невообичаен состанок бидејќи и двајцата во тој период бевме спортисти, па сакавме нешто автентично.
Тогаш јас имав 18 години, а тој 22 години.

Јас поради спортска повреда морав да се повлечам од спортот, па животот ми отвори нови хоризонти, а тој сè уште е професионален фудбалер.
По една година врска, решивме да отвориме нешто наше заедничко.

Какво двајца спортисти, природно се насочивме кон здравата храна, па започнавме со продажба на замрзнато овошје. Денес нашите производи се препознатливи и сме многу горди на тоа што го изградивме заедно.

Поради неговата спортска кариера, со текот на годините немавме постојано место на живеење, често менувавме средини, што за нас беше еден поучен и интересен период исполнет со многу нови пријателства, нови и непознати ситуации.
Секако, секогаш постојат и неочекувани проблеми, но сите ги надминавме бидејќи бевме заедно сплотени, еден до друг.

