Марија-Магдалена од Битола има онлајн продавница за облека од втора рака: „И јас во најголем дел комбинирам носени парчиња“
- Детали
- петок, 09 јануари 2026
„Околу 70% од мојата облека е од втора рака, а мое win парче е бунда за која добивам милион прашања кога ќе ја ставам на продажба. Купена е (во тој момент) со позајмени пари од бутик за облека од втора рака од Битола, не смееше да се пропушти тоа парче“ - вели Марија-Магдалена, дамата со истенчен вкус и одличен моден стил.

Марија-Магдалена Петковска Микаровска (40) е дамата која стои зад онлајн платформата Мinistry of Second Hand. Таа успеа успешно да ја реализира идеја да создаде онлајн „продавница“ која полека прераснува во бренд и релевантен моден фактор на нашите простори.
Марија-Магдалена за CRNOBELO.com вели дека има јасна мисија за онлајн платформата - облеката од втора рака да стане прв избор за многу луѓе, а не алтернатива при купувањето.
Во разговорот, таа ни откри дека е задоволна од тоа како се развива нејзината идеја, иако, како и во секој бизнис, повремено се соочува со големи предизвици, кои, за среќа се решаваат без многу мака.
За тоа колку Македонците купуваат облека од втора рака, какви се цените, но и колку често некој пробува да продаде нешто во лоша состојба, Марија-Магдалена ни откри во интервјуто.

Прочитајте што раскажа таа за CRNOBELO.com:
Како дојде на идеја да отвориш second hand платформа и дали во понудата има само парчиња од познати брендови?
Во еден момент од животот посакав да не бидам идентификувана исклучиво преку мојата примарна професија - професор по англиски јазик, која ја сакам и со задоволство ја работам - туку да им дадам простор и на други мои квалитетни делови да излезат на површина.
Ministry of Second Hand е спој од мојата страст кон облеката, трансформацијата што таа ја нуди кога е правилно искористена, и одржливоста како наша колективна домашна задача.
Но и потребата од безбедна заедница - место каде луѓето можат да ги понудат парчињата кои повеќе не им служат, за да го продолжат своето патување во друг плакар, друг живот и друга приказна.
Со Ministry создадовме простор каде си ги „поправаме“ грешките од компулсивното купување: залутани парчиња, немногу сакани подароци, промени во стил, вкус, телесна тежина или животна фаза.
Понудата не е ограничена само на брендови - условот е квалитет и зачуваност.
Интересно е што со растот на заедницата, природно се истенчи и вкусот на следачите, а со тоа и селекцијата на парчињата.

Производите се продаваат само онлајн или може и да се видат во живо?
Производите се постираат и продаваат онлајн преку нашиот профил, а наша обврска е да ја градиме најбезбедната можна заедница, каде секое парче брзо си го наоѓа вистинското место.
Физички може да се види некој селектиран дел само за време на изложбените денови.
Досега имавме два, во различни локали во Битола, со исклучиво изложбен карактер.
Целта е да им ја доближиме облеката од втора рака на оние што сè уште имаат внатрешни бариери - да дојдат, да допрат, да видат што значи нашата селекција.

Каде ги набавуваш парчињата? Како стигаат до тебе?
Ministry of Second Hand не е класична продавница. Ние не набавуваме облека. Ние сме медиум и социјална иницијатива.
Продавачите ги постираат своите непотребни, но вредни парчиња, а купувачите ги нарачуваат.
Нашата улога е да поставиме стандард - во размислувањето за одржливост, во давањето прва шанса на облеката од втора рака и во свесното, стилско комбинирање на квалитетни парчиња.

Се случува ли парчето да е оштетено или различно од она што е порачано? Што тогаш?
Да, се случило. Имало и нефер продавачи, и нефер купувачи. Но ние ја преземаме одговорноста и за едните и за другите, затоа што ако сакаме да градиме голема слика, мора да бидеме и одговорни и чесни.
Можам најодговорно да кажам дека во 2–3% од случаите имало непријатности, и тие природно се елиминирале од заедницата.
Ова е и место каде луѓето го покажуваат својот карактер - односот кон облеката, кон другиот човек, и ликот што сакаат да го остават зад себе.
Најголемиот дел од заедницата е свесен за тоа.

Колку е распространет овој начин на купување во светот?
Во Шведска веќе постои трговски центар исклучиво за производи од втора рака, што доволно зборува каде се движи прогресивниот свет.
Ова не е тренд, туку насушна потреба. Реакција на штетата направена од масовното производство, полупроизводите со сомнителен состав и конзумеризмот во кој самите се доведовме.
Нашата цел е да зборуваме за квалитет - и свесно да го избираме.

