Елена Пиштолова, шминкерка во Абу Даби: „Арапките плаќаат за шминка и за обичен пречек на гости во својот дом“
Работиш во салон или одиш на повик? Најзабавна ситуација досега?
Моментално работам како главен шминкер за еден од најлуксузните брендови во светот – CHANEL, но имам и свои приватни клиенти со кои соработувам со години и кај кои најчесто одам на повик.

Најинтересната ситуација што ми се случила овде воопшто не е поврзана со шминка.
Еден сосема обичен ден, без никакви очекувања, се најдов лице в лице со Парис Хилтон. Во првиот момент помислив дека е двојничка, а потоа сфатив дека навистина е таа.
Од професионален фокус, одеднаш се најдов во еден „wow“ момент кој не се случува секој ден.

Дали Арапките имаат високи барања? Имаш ли редовни клиентки?
Имаат високи очекувања и внимателно ги следат најновите трендови. Купуваат најквалитетна и најскапа шминка и не штедат кога станува збор за својот изглед.
Имам многу редовни клиентки кои се со мене со години и исклучително сум благодарна за довербата што ми ја даваат.

Имаат ли мажите повеќе жени или моногамијата доминира? Кој е главен кога станува збор за финансиите?
Кај постарите генерации сè уште постои полигамија, но помладите генерации најчесто се моногамни. Во случаи каде што има повеќе жени, тие често функционираат како семејство и меѓусебно се почитуваат и поддржуваат.

Интересно е што во арапскиот свет жената често го има главниот збор во домот, додека мажот е одговорен за финансиската сигурност на семејството.
Жените можат да работат и да имаат свои приходи, но тие средства се исклучиво нивни и не се должни да ги користат за семејството.

Имаат ли Арапките раскошни наметки со кои се покриваат?
Да, и тоа исклучително раскошни. Абајите се изработени од луксузни материјали, со рачна везба и префинети детали, и често се комбинираат со најскапите модни брендови, дизајнерски чанти и луксузни чевли.
За нив, традицијата и високата мода одат рака под рака.

На што трошат најмногу пари жените таму и како изгледа нивниот ден?
Најмногу инвестираат во накит од дијаманти и благородни материјали, луксузни чанти и чевли, нега на кожа и коса, како и во уникатни и ексклузивни парфеми.

Деновите ги поминуваат во ресторани со пријателки или семејството, шопинг, салони за убавина, а во последните години сè повеќе се посветени на јога и фитнес.
