Примариус д-р Виолета Арсова е педијатар во пензија која уште е активна: „Со колешка породивме жена во Фиќо“
Има ли некоја посебна приказна за пациент која не можете да ја заборавите?
Кога бев на специјализација во Штип имавме пациент, дете од Берово, кое среде ноќ дојде со дијагноза воспалено слепо црево. Хирургот констатира дека не се работи за слепо црево и остана на опсервација.
Состојба на детето се влошуваше и на мое инсистирање, го опериравме детето. Кога го отворивме, констатиравме дека не е слепо црево, туку скапан десен јајник и веднаш беше отстранет.
Хирургот чувствуваше вина дека детето можеби ќе остане неплодно. Истата вина ја почувствував и јас.
После многу години, кај мене во ординација дојде млада жена која беше бремена и ми кажа дека таа е детето кое е оперирано и е отстранет јајник. Бев пресреќна што жената беше во поодмината бременост.
Имало или мигови кога сте сакале да се откажете? Како сте ги пребродиле?
Љубовта кон медицината и желбата да ги лекувам луѓето секогаш ми беа приоритет, и ни во еден момент немав помислено да се откажам од оваа работа.
Како се чувствувате кога по пензионирањето луѓето сè уште доаѓаат кај вас за совет?
Без разлика што сум во пензија, и дали сум изморена или не, ниту еден родител со дете не сум вратила кога ќе дојдат на мојата врата.
Мојот мобилен е достапен за сите мои сограѓани за каков било совет.
Откако се пензиониравте, што ве држи мотивирани и полни со енергија? Како си го пополнувате слободното време?
Како пензионер, не очекувам ништо, не барам ништо освен да сум здрава, жива, и да можат да им помагам на луѓето.
Во моето слободно време сум дел од многу општествени збиднувања во Делчево, продолжувам со моите активности како претседател на Здружение на пензионери – Делчево, учествувам на проекти коишто се поврзани со некои делови од медицината и семејното насилство.
За целокупниот мој ангажман тука, имам добиено награда 7-ми Септември од општина Делчево за најхуман лекар и награда 19 Октомври од општина Делчево за особен придонес за развој на здравството.
Каков совет би им дале на младите кои сакаат да станат лекари?
Лекарот е хуман човек, лекарот е човек со големо срце и многу емпатија, оти во неговото работење видел и почувствувал и многу тага, но и многу радост.
Ако се сака професијата сè е возможно и сè се постигнува. Оние кои сакаат да бидат лекари, ама вистински го сакаат тоа, со едукација, и труд мора да успеат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело
