Примариус д-р Виолета Арсова е педијатар во пензија која уште е активна: „Со колешка породивме жена во Фиќо“
- Детали
- четврток, 05 февруари 2026
„Љубовта кон децата ме водеше кон тоа да станам педијатар. И, до последниот мој работен ден, целосно бев посветена на децата. Без разлика што сум во пензија, и дали сум изморена или не, ниту еден родител со дете не сум вратила кога ќе дојдат на мојата врата“, открива д-р Виолета Арсова од Делчево.

Примариус д-р Виолета Арсова е педијатар во пензија, но која уште има голема љубов кон својата професија и активна е и како претседател на Здружение на пензионери – Делчево.
Родена на 6-ти февруари 1949 година, во убавото делчевско село Град, д-р Виолета има објавено многу научни трудови и семинарски, се има закитено и со низа награди, а вели дека до денес е достапна за своите пациенти.
„Основно и средно образование завршив во родното Делчево, а медицински факултет завршив во Скопје. Дипломирав 1974 година, и веднаш тргнав на работа во Здравствен дом – Делчево, како општ лекар.
За време на студирањето, желбата да завршам медицински факултет и љубовта кон него се покажаа уште во втора година на факултет, кога ја добив наградата за одличен студент на втора година на Медицински факултет – Скопје.
Како општ лекар работев 6 години, а потоа моето усовршување го продолжив на Клиниката за педијатрија – Скопје, каде имав среќа во тој период да работам со многу еминентни стручњаци од педијатријата кои ми ја пренесоа љубовта кон децата и целокупното нивно знаење.
Објавувајќи многу текстови, научни трудови, семинарски и други текстови во медицински списанија, се стекнав и со звање Примариус“, открива д-р Виолета.
Во интервју за CRNOBELO.com, д-р Виолета ни раскажа нешто повеќе за себе:
Кога ви стана јасно дека сакате да бидете докторка и што ве инспирира да се посветите на педијатрија? Можете ли да споделите нешто за студентските денови и почетоците на вашата кариера?
Откако знам за себе, сакам да бидам доктор, да им помагам и да ги лекувам луѓето. Од многу мала знаев дека еден ден ќе бидам доктор.
Љубовта кон медицината направи студиите да не ми бидат товар и обврска, туку задоволство да се стекнувам со медицински знаења.
Студентските денови ги поминував по студентски домови оти потекнував од скромно семејство. Со оглед на тоа што и едногодишниот стаж го поминав во Скопје на разни клиники, во почетокот на работата немав никакви тешкотии при работата.
Љубовта кон децата ме водеше кон тоа да станам педијатар. И до последниот мој работен ден, целосно бев посветена на децата.
Кои беа најголемите предизвици во вашата кариера? Споделете некој момент што секогаш ќе го паметите.
Има едем момент кој секогаш го паметам и ми става насмевка на лице.
Во дворот на Здравствениот дом јас и акушерката породивме жена од Каменица во автомобил Фиќо, во којшто беа и поголемото дете и сопругот и свекорот, па тие помогнаа, секој на свој начин.
