Стефанија Насеска имаше ревија во Кина: „Ми дадоа лично обезбедување, публиката се туркаше да се фотографира со мене“
Јас сум пасиониран љубител на археологијата и кога работам на такви теми си ја задоволувам страста и неостварената желба да бидам археолог.
Мозаиците од Стоби некако први ми дојдоа за преработка и започнав една невозможна мисија за толку краток период. Како навлегував во истражувањата така се нижеа пронајдени артефакти и идеи за нови дизајни и започнав еден по еден да ги реализирам.
Успеав да направам 15 изгледи, меѓу кои мантилот столб во јонски стил, бел мермерен кратер, столбови со резба од пауни, стилизација на мозаикот од крстилницата, а на крај како најлуда идеја дојдоа и пронајдените скулптури во Стоби.
Бидејќи мој дизајнерски печат е 3Д творештвото, сметав дека треба да изведам нешто такво, а да биде сосем поразлично од она што сум го работела до сега.
И така, на ред за изработка дојдоа корсетите скулптури Херкуланката од Стоби и Трите грации, главите маски и целосната скулптура на Дионис која сама по себе беше мисија за реализација.


Знаев дека сакам да бидам премногу театрална на сцена, но ненаметлива, и со тоа знаев дека целата колекција ќе биде нијанси на бела и малку крем, точно како што се изработени статуите од бел мермер.
За мене промоцијата на нашето културно наследство претставува огромна чест и формула за успех во странство.
Така и оваа колекција наиде на феноменални реакции од публиката, но уште побитно ми е што колекцијата, и јас како дизајнер, бевме забележани од модната фела од цел свет кои во моментот беа присутни таму и беа гости на мојата ревија.
Буквално ми кажуваа дека се почувствувале како да патуваат низ времето и просторот, пленети од музиката за која се погрижи Дамјан Божиноски, од визуелните ефекти, светлосните ефекти, моделите, дизајните. Сè било магично.


За доживувањето да биде такво на сцена мора да постои една огромна и совршена организација во позадина.
Модната недела во Харбин е најголемо модно случување во Кина, со афинитет да стане и најдобро светско модно случување, a во моментов котира доста високо.
Toa e и место за вмрежување контактки од модниот свет, па така, јас остварив доста познанства и пријателски врски со многу дизајнери и организатори на модни недели во нивните земји и некако природно после тоа дојдоа и доста покани за учества на модни случувања во странство.
Овој настан се одржува во Центарот за модерна уметност, кој па е припоен до луксузниот мол West Red Square.
Објектот некогаш бил фабрика која денес е реновирана и ултра модерно изградена и со доградени модерни објекти, па кога ќе се погледне од далеку изгледа како мравјалник и околу него има огромни скулптури од мравки.
Она што го научив таму е дека самите тие се доживуваат како мравки, малечки, но многу вредни и дека можат да понесат огромен товар на својот грб.


Од маркетиншки аспект, целиот мол беше преплавен со реклами за настанот, имињата на дизајнерите се среќаваа на секој чекор и на секој можен видео бим одеа промотивни видеа за дизајнерите, од каде доаѓаат, нивните ревии…
За да ја почувствуваат и читателите големината на настанот, ќе кажам дека уште од стапнувањето на аеродромот во Харбин започнува ВИП третманот, те пречекува личен асистент, имаш преведувач и доделен ти е личен шофер и обезбедување кое не сметам дека ни беше потребно, затоа што јас се чувствував премногу безбедно во текот на целиот престој, беспрекорно хотелско сместување и третман кој ретко каде може да го доживее.
Честопати ни кажуваа дека ние сме им најценетите гости и дека грижата која ни ја даваат е најмалку што можат да сторат.
Организацијата, повторно ќе кажам, е беспрекорна. Еден ден се прави кастинг на професионални модели кои ги има многу и се поделени во неколку групи - девојките беа Русинки, а момчињата Кинези.
Јас честа за мој кастинг-директор му ја доделив на нашиот Стефан, бидејќи сметам дека има огромно искуство со модели и точно знаеше што треба за мојата колекција, а моделите за една ревија се можеби и најбитни - јас со него бев во сигурни раце.
Девојките и момчињата кои ги избра тој, завршија професионална и одлична работа.


Следно беше работа со режисер - имаа три режисери кои работеа поединечно со секој дизајнер, а јас имав среќа да ми падне режисерот од Виетнам кој имаше најинтересни идеи.
Па така, кога ја раскажав мојата приказна и инспирацијата за мојата колекција, тој дојде до идеја Стоби да го донесат тука во Харбин.
Неговиот тим во Виетнам веднаш ми спреми визуелни ефекти кои одеа на проектори и видео-бимови од мои фотографии од Стоби.
И на подот од пистата го направија мозаикот од крстилницата во Стоби.
Посебна магија донесе осветлувањето на сцената, кое во позадина изгледаше како сонце со краци и од таму излегуваа и „се раѓаа“ моделите.


Буквално беше магија на сцена, а големо изненадување за публиката беа и првите два модели на кои им светеше гардеробата и после нив започна приказната за Стоби во Харбин.
По ревијата следуваа бројни интервјуа со тамошни медиуми, фотографирања и честитки од публика и обожаватели кои чекаа и се туркаа за да се фотографираат со мене.
Многу интересен и неочекуван момент беше тоа за мене, во тој момент знаеш како се чувствуваат познатите личности ширум светот.
Да бидам искрена, ова беше повеќе од моите очекувања, кога одев натаму знаев дека ќе биде големо, но дека е толку големо не можев ни да замислам.
Се надевам дека и јас им оставив добар впечаток и дека наредна сезона повторно ќе добијам покана.

