Стефанија Насеска имаше ревија во Кина: „Ми дадоа лично обезбедување, публиката се туркаше да се фотографира со мене“
- Детали
- петок, 30 јануари 2026
„Кога на режисерот на ревијата му ја раскажав инспирацијата за мојата колекција, тој дојде до идеја Стоби да го донесе во Харбин - на подот од пистата го направија мозаикот од крстилницата во Стоби', вели нашата дизајнерка Стефанија Насеска за CRNOBELO.com, оркако учествуваше на Модната недела во Кина.

Нашата модна дизајнерка Стефанија Насеска на средината на јануари имаше привилегија да биде една од неколкуте креатори од целиот свет кои претставија своја колекција на Модната недела во Харбин, Кина, а која полека прераснува во една од најпочитуваните модни манифестации во светот.
По колекцијата во која доминираше златната маска од Требениште, таа инспирацијата за новата колекција ја пронајде во локалитетот Стоби и ископините што се дел од македонската историја.


А на сцената во Харбин, пред публиката, визуелно го донесе напиот познат локалитет - и преку облеката, но и преку фотографии и видеа.
Освен што работеше на своето претставување, Стефанија имаше можност да запознае дел од културата на Кина, да чекори по замрзната река од чии блокови мраз се гради најпознатиот леден град во светот, да проба локална храна.


За своето искуство, професионално и приватно, но и за третманот како ѕвезда на настанот, таа раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Кога дозна дека ќе учествуваш на Модната недела во Харбин во Кина? Какво беше чувството кога ти кажаа дека ќе бидеш меѓу модните дизајнери кои таму ќе ја претстават својата колекција?
Ни во најлудите соништа немав сонувано дека некогаш ќе имам ревија во Кина, а не пак на најголемото интернационално модно случување таму, поточно Модната недела во Харбин.
Оваа година славам 15 години кариера и можеби токму поради тоа за крунисување на овој момент, спонтано само по себе дојде учеството на Harbin Fashion Week.
Од 2024 година сум член на семејството дизајнери кои својот труд го претставуваат на модниот фестивал European Fashion Passport (Европски моден пасош) кој се одржува во Сараево секој септември.
А во Сараево стигнав по препорака на мојот драг Милан Атанасов и колешката Ана Кргич.


Минатата година таму промотивно ја претставив мојата најнова колекција ‘Вечност’ со инспирација златните маски од Требеништа. И веднаш после мојот настап бев контактирана од двајца модни агенти кои ме предложија на организаторите од Harbin Fashion Week.
Можноста да влезеш во потесниот круг на учесници е премногу мала, бидејќи учесниците се доста конкурентни, а условите и критериумите високи, зашто се работи за моден настан кој котира во првите редови во модниот свет.
За да добиеш покана за учество мора да се поминат многу строги филтри, но најмногу се цени автентичноста, уникатноста и креативноста кај еден дизајнер.
Испратив фотографии од моја дотогашна работа, дизајнерско CV, Инстаграм профил и популарност во својата земја (бидејќи пазат на секоја можна ситница) и по направеното истражување за мене од нивна страна, еден ден при крајот на ноември добив телефонски повик од агентот дека сум избрана и дека на почетокот од јануари ќе бидам нивни почесен гостин, учесник.


А кога работите сакаат да се наредат, се редат толку убаво што ни сами не можеме да објасниме како.
Фотографиите кои ги испратив од колекцијата ‘Вечност’ беа од модниот едиторијал кој го направивме со нашиот фотограф Стефан Соколовски, толку многу им се допаднале што некој период покасно и Стефан доби покана да биде нивни гостин.
За мене тоа беше едно огромно олеснување затоа што знаев дека имам добар другар покрај мене за освојување на нови модни светови.
Пред себе си зададов една голема и тешко остварлива задача, буквално за еден месец да спремам целосно нова колекција со нова инспирација и да мора да биде подобра и попривлечна од претходната.
Веќе стигнав до момент да не се натпреварувам со другите туку да сум во натпревар сама со себе, а тоа е најтешката борба што може да постои, како да се одржиш на врвот.
Размислував што би зела овој пат за инспирација, и некако спонтано ми дојде да работам на тема Стоби.


