Стефанија Насеска имаше ревија во Кина: „Ми дадоа лично обезбедување, публиката се туркаше да се фотографира со мене“
Колку време треба да се стигне од Скопје до Харбин? Какви впечатоци ти остави градот, познатиот Замрзнат град, но и како преживуваше на -30°С, колку што беше таму во тие денови?
Патувањето траеше повеќе од 20 часа со неколку прекачувања и морам да кажам дека е малку исцрпувачки.
Ова беше мое прво патување во Кина и не знаев што да очекувам, само знаев дека ќе биде различно и затоа и психички се спремав за ниските температури.
Од првиот момент кога стапнав знаев дека сум во држава во која владеат строги правила и дисциплина па ако сакаш да ‘преживееш’ и убаво да си поминеш - мораш да почитуваш.
Луѓето се премногу гостопримливи и се однесуваа со крајна почит спрема нас странците, и штом се луѓето такви, веднаш знаеш дека си добредојден.
Уште од аеродром имавме пречек каде не дозволуваат да го почувствуваш студот, објектите им се загреани целосно вклучувајќи ги и подовите, те пречекуваат во загреани автомобили и мене на моменти наместо да ми биде ладно ми беше премногу жешко.


Разликата на температурата од внатре до надвор е 50 степени, затоа што внатре е 25°С а надвор нормални -25°С.
Мене не ми сметаше ни ладното надвор, јас сакав што е можно повеќе да прошетам на чист воздух и да ги искористам сончевите зимски денови, а тие нè шетаа секаде каде што ќе посакавме.
Првата желба ми беше да го посетам центарот на градот. Кога доаѓав во Харбин мислев дека се ќе биде различно, но штом стапнав во центарот препознав европска архитектура.
Градот во минатото бил под руско влијание и целосниот шмек што го поседува е под тоа влијание - руска архитектура, руски слаткарници, црквата во центарот св. Софија е буквално како да излегла од некоја руска бајка. Матриошки на сите страни и многу многу крзнени капи.
Во центарот има премногу туристи и не можеш баш да го доживееш со целосната негова убавина.


Но тука ја имав можноста да јадам сладолед на отворено на -23°C, и тоа не било кој сладолед, туку познатиот Мадера сладолед кој се продава во Хотел Модерн, правен уште во 1906 година. Вкусот на Кина и Русија.
Морам да бидам искрена дека внимателно бирав што ќе јадам бидејќи имам осетлив стомак, па не можам да си дозволам да пробам сè.
Севернокинеската кујна е поразлична од другата и мислам дека за мој вкус многу поприфатлива.
Пробав најразлични чаеви кои за мене беа превкусни, тофу, млеко од соја припремено на нивни традиционален начин, разно пилешко и свинско месо и многу зачинет зеленчук.
Повеќето од храната ми се допадна. Интересно ми беше што овошјето го служеа во замрзната форма и во мраз. Било кој тип на овошје и сè беше замрзнато.
И исто така, интересен факт е дека пред јадење ни даваа топла вода, за полесно да се вари храната. Колачите и останатите десерти им беа многу вкусни.


Харбин ми го освои срцето од прва.
Следна авантура која ја направивме беше да чекориме по замрзнатата река Сунгари која е една од најголемите реки во Кина и која во текот на зимата замрзнува до тој степен што камиони возат по неа.
Од таа река со специјални машини пили се сечат блоковите од кои подоцна се градат сите скулптури и објекти низ градот, но и во замрзнатиот град.
Одењето по замрзната река е ретко искуство кое го доживеав на зајдисонце, а зраците од сонцето ги осветлуваа неправилните блокови мраз кои се оставаат на реката поради нивната неправилност и на тоа светло делуваа како расфрлани дијаманти.
А најголемата авантура ја чувавме за крај, посета на светот од мраз и снег. Објекти во реална големина направени само од блокови мраз кои се вадат од реката. Скулптури кои гледаш дека ги правеле највештите раце на светот бидејќи работа на такви временски услови речиси и да е невозможна.


Оние -30°C беа неколкупати погубни за мојот телефон - сликаш неколку слики и телефонот „умира“ од ладно, па мора да го загреваш во џеб и приклучен на безжичен полнач за да можеш да направиш уште една две слики.
Ја извадив раката надвор и за неколку минути ми беше здрвена и нефункционална, бидејќи е огромен и рамен простор дува многу ветар и уште повеќе ти студи, ама не се предаваш бидејќи секоја атракција е поубава од претходната.
Иако си замрзнат сакаш уште. Но, ќе оставам фотографиите сами по себе да зборуваат.
Јас таму ги доживеав најнеочекуваните, но убави моменти во мојот живот.
Колку што временските услови во Харбин се немилосрдни, толку народот таму е гостопримлив. Со третманот кој ми го дадоа се чувствува дома далеку од дома.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело