Мартин живее во Германија: „Не можеш да се збогатиш преку ноќ, но трудот вреди и нема да се вратам во Македонија“
Каков е животниот стандард во Германија? Дали навистина вреди да се напушти родната земја? Како ти изгледа животот таму – имаш ли слободно време или постојано си фокусиран на работа?
Животниот стандард тука е на највисоко ниво. Почнувајќи од инфраструктурата, платите, здравствениот систем и можностите за градење кариера, па сè до исполнување на слободното време.
Лично за мене вредеше сиот напор и вложен труд досега, доселувањето во Германија беше една од најправилните одлуки што ги имам донесено во животот.
Иако работам во државна институција со полно работно време и дополнително водам приватна фирма, сепак наоѓам доволно време за да се посветам на моите лични интереси.
Патувам редовно и се ангажирам како член на управата на возобновениот македонски клуб овде во Нирнберг, каде подготвуваме различни културни активности, имаме фолклорна група и се дружиме со Македонците во Нирнберг и околината.
Сè е до сопствената организација и планирање на времето.
Дали некогаш си посакал да се вратиш? Дали во иднина се гледаш во Германија, во Македонија или можеби во друга земја?
Во Македонија одам редовно на одмор и да ги посетам роднините и пријателите. Но, да се вратам да живеам во Македонија за мене не доаѓа предвид.
Веќе подолго време поседувам германско државјанство и мојата иднина ја гледам во Германија. Ниту една друга држава во светот не би ја заменил за Германија.
Иако државата денес се соочува со сериозни предизвици, убеден сум дека успешно ќе ги надмине истите.
Оваа држава и овој народ кои се воздигнаа до водечка сила во Европа и трета светска економија не знаат за откажување и секогаш успеваат да ги пребродат и најголемите кризи.
Така ќе биде и овој пат. Ме воодушевува и мотивира менталитетот, упорноста и истрајноста која ја краси Германија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело