Мартин живее во Германија: „Не можеш да се збогатиш преку ноќ, но трудот вреди и нема да се вратам во Македонија“
- Детали
- недела, 01 февруари 2026
„Најголемите проблеми за доселениците тука се непознавањето на познавање на јазикот, комплексната бирократија и културниот шок што го доживуваат. Грешките на Македонците во Германија се главно во неподготвеноста за интеграција во германското општество и неприфаќањето на нормите и правилата што владеат тука“, вели Мартин Георгиевски од Кратово кој веќе 13 години живее во Нирнберг, Германија.

Мартин Георгиевски од Македонија повеќе од една деценија живее во Германија.
38-годишниот Мартин, кој потекнува од Кратово, во 2011 година дипломирал социјална работа и политика на Филозофскиот факултет, а следната се преселил во Германија.
Веќе 13 години е лоциран во Нирнберг, каде работи како заменик раководител во државна институција за помош при домување, и како генерален директор на фирмата StartinDE UG.
Во интервју за CRNOBELO.com Мартин открива зошто ја избрал Германија, како стигнал дотаму, но споделува и кои се грешките што ги прават новодојдените, особено од Македонија.
Целото интервју во продолжение:
Кога одлучи да ја напуштиш Македонија и зошто ја избра Германија? Дали одлуката беше импулсивна или долго време планираше да се иселиш?
Уште од рана возраст имав голема желба да се преселам во Германија. Можеби затоа што уште како дете бев фан на Баерн Минхен и германската фудбалска репрезентација и ги следев сите нивни натпревари, но и поради тоа што во нашата поширока фамилија постоеше традиција да се работи во странство.
Дефинитивната одлуката да заминам во Германија ја донесов во средношколските денови и при уписот на факултет ми беше најважно да изберам професија која би можел да ја работам во Германија.
Со какви очекувања замина и дали ти се исполнија? Што ти се допадна, а што најмногу те разочара?
Заминав со големи очекувања, пред сè, за подобри услови за живеење и очекував дека без поголеми проблеми би можел да започнам да работам со стекнатата диплома од Скопје.
Кога пристигнав во Нирнберг, бев воодушевен од самиот град и германската култура и општествени норми. Најмногу ми се допадна средновековната архитектура, но и начинот на живот, редот и дисциплината кои владеат тука.
Најголемото разочарување го доживеав кога дознав дека нема веднаш да можам да се вработам со стекнатата диплома од Македонија, туку дека прво морам да апсолвирам додатни студиски програми за целосно признавање на професијата.
Колку ти беше тешко да го совладаш германскиот јазик?
Веднаш по доселувањето тука започнав со интензивно изучување на германскиот јазик. Со оглед на големата мотивација, но и талентот за учење странски јазици, не ми беше особено тешко да го совладам и германскиот.
За да го стекнам нивото Ц1 (неопходно за студирање тука) ми беше потребна една година.
Како изгледа процесот на признавањето на дипломата? Дали е комплицирано, дали имаше помош или мораше сам да се снаоѓаш?
Најтешко ми беше да ги добијам потребните информации за процедурата и за тоа кои институции нудат таква можност.
За време на посетувањето на јазичниот курс, случајно дознав дека образовниот центар на градот Нирнберг нуди бесплатни информации и упатства околу тоа и веднаш се обратив таму.
Ми беше од голема помош што оваа институција ми ја објасни целосната постапка и ме упати до единствениот факултет во Баварија којшто ја нудеше таа програма.
Со студиите започнав веднаш по завршувањето на јазичниот курс. Истовремено се вработив како педагог во Нирнберг, додека студиските програми ги посетував во Минхен.
Тоа беше воедно и најтешкиот период за мене затоа што скоро и да немав слободно време, но и поради сложеноста на предметите кои беа скоро сите од правна природа и тешко разбирливи.
Работев од понеделник до четврток во Нирнберг, а петок и сабота ги следев предавањата и имав испити во Минхен.
На секои три месеци имавме блок од предавања кои траеја по две недели, затоа што имавме голем број предмети.
По скоро една година успешно го положив и последниот испит и се здобив со називот државно признат социјален педагог, со што ми се отворија вратите за вработување по струка.