Владо Јаневски за CRNOBELO: „Татко ми почина кога бев млад, песната што му ја посветив не ја пеам на концерти зашто е интимна“
- Детали
- понеделник, 02 февруари 2026
„Не се сметам за заводник. Јас секогаш сум требал да се помачам за девојките што ми се свиѓаат. Може дека сум сингл тој епитет ми останал долго, зашто човек што е ерген не е грев да речеш заводник, а женет, фамилијарен човек, би било ризично да го викаш така“ - вели Владо Јаневски за CRNOBELO.com и најави нова песна пред Денот на вљубените.

Откако пред скоро 4 децении застана на сцената како дел од „Ластовица“, Владо Jаневски остави, но и понатаму остава неизбришлива трага во македонската музика.
Песните секогаш ги пее со душа, можеби затоа што во нив, меѓу редови кажува работи што не ги споделува ни со најблиските, а вака ги пее пред целиот свет, или пак, затоа што со секој збор што ќе го напише, открива некој интимен дел од себе, а во кој се препознава и публиката.

Со неговите песни парови се венчавале, раскинувале, плачеле, се смееле... и повеќето од нив сигурно ќе ви речат дека Владо навистина знае како да ги погоди во срце.
Иако со години живее во Гевгелија и е во своевидна медиумска илегала, пред концертот во Скопје, закажан за 14 февруари, а каде што ќе пеат и тој и Бајага, одвои малку време за интервју за CRNOBELO.com.

Како лична приказна му го споделив моментот дека во скоро 30 години новинарска кариера, јас првпат седнувам спроти него за интервју, нешто што ни е чудно и на двајцата.
Ми остави впечаток на љубезен, разговорлив соговорник, насмеан и пријатен, кој сепак не е толку затворен како што можеби сака да се претстави пред јавноста.
Низ разговорот зборувавме и за музиката, новата песна што ќе излезе деновиве, но и за љубовта и за тапаните - првиот инструмент на кој свирел како дете.
„Ме изненадува што знаеш дека сум свирел на тапани“, ми вели низ смеа.
Владо по интервјуто за CRNOBELO.com
Што друго ни откри, прочитајте во интервјуто:
Вие сте еден од најпрепознатливите романтичари на македонската музичка сцена. Дали ви годи епитетот „Чаирскиот романтичар“ или после толку време се прашувате како токму тој „прекар“ остана да ве следи низ кариерата?
Јас не го разбирам тој прекар. Ни тогаш кога го извадија, не знаев зошто ми го извадија, ама се потфати меѓу луѓето и јас си го прифатив.
Не оти што се поистоветив со тоа, ама никогаш не разбрав како тоа народот си ме завика така.
Веројатно поради популарноста на песната, но тоа не ме опишува мене во никој случај. Јас нит’ сум роден во Чаир, ниту сум нешто поромантичен од обичниот човек.
Првиот стих од песната ми го одреди тој епитет. И новинарите го прифатија, а 35 години покасно сè уште го користат.
Многу пејачи носат прекари или епитети добиени од текстовите, од некој стих на песната, така што, си го прифаќам.

А дали сте романтичен?
Не мислам дека сум повеќе од обичниот маж. Ние, мажите, сме генерално поромантични него што признаваме.
Знам со сигурност дека многу мажи што познавам се ‘бајаги’ романтични, а во споредба со нив не сум нешто посебно романтичен.
Јас сум типично романтичен колку што е и еден просечен маж.
Ама мажите, верувале ли не, се бајаги романтични, ако не сакаат да го признаат тоа.

