Владо Јаневски за CRNOBELO: „Татко ми почина кога бев млад, песната што му ја посветив не ја пеам на концерти зашто е интимна“

Многу од песните што ги испеавте станаа евергрини. Имате ли сепак една омилена песна од вашиот репертоар?

Имам некои што ми се многу лични, а меѓу луѓето никогаш не биле ни хитови, ни широко прифатени, а мене ми се многу интимни.

Генерално правило е дека на сите пејачи најизвиканите песни не им се најомилени. Значи, најголемите хитови обично не им се најдраги.

Сигурно дека сме благодарни што некои песни ни направиле голема услуга во популарноста, во тиражи, во концерти и имаме долг кон тие песни, према публиката што ги сака тие песни.

Ама интимно си имаме некои свои... Мислам дека секој автор си има песни коишто биле толку лични што не станале хитови, ама онака, се раскажани од срце...

vlado-janevski-za-crnobelo-06.jpg

Која е таа вашата интимна приказна?

Не знам, да речеме дека таа е „Далеку е небото“. Не ја пеам на концерти, а е толку интимна затоа што е посветена на татко ми.

Пошто јас бев млад кога он почина, и тоа е толку лична прикаска да е неблагодарно да ја пеам пред публика, пошто е моја интимна.

Иако не е љубовна, ме погаѓа многу длабоко, затоа што е за татко нормално.

А генерално, секогаш последната песна на која работам, еве овој сингл што го спремам по повод концертот, секогаш ми е новата песна најинтересна, ја слушам на рипит, и ми се врти, така што еве, преку ова интервју да најавам и дека имам нова песна која за неколку дена ќе ја објавам.

vlado-janevski-za-crnobelo-14.jpg

И денес важите за голем заводник. Ви приоѓаат ли и понатаму дамите?

Не, не, не, јас немам таков впечаток, ниту некогаш сум имал. Јас секогаш сум требал да се помачам за девојките што ми се свиѓаат.

Имало периоди кога сум бил мрзлив, кога сум бил помлад, па по ‘мрзлива линија’, сум пробувал нешто со девојки коишто се труделе, јас за да не се трудам, па сум им дал шанса.

Може дека сум сингл, па тој епитет ми останал долго, затоа што за човек што е ерген, не е грев да го викаш заводник - женет, фамилијарен човек, би било ризично да го викаш така.

А, јас, пошто сум еден од ретките кои на 60 и кусур, никогаш не се оженил, без последици можеле да ме викаат заводник, без да ми направат беља дома.

vlado-janevski-za-crnobelo-16_copy.jpg

По скоро 35 години на сцената, има ли нешто што сè уште не сте го оствариле, а сакате?

Ау, немам веќе, немам никакви ни апетити, ни илузии, само сакам што подолго да го правам ова што го правам.

И добро е затоа што секоја нова песна којашто ја снимам ми потврдува дека сè уште имам радост во пишувањето текстови, имам радост во студио кога од 4 минути тишина се прават 4 минути исповест, љубовна музика или каква било мелодија, којашто можеш да ја пееш до крај на животот.

Тие 4 минути знаат да ти го променат и животот и кариерата, а доказ се песни што траеле 4 минути, а и ден денеска се дел од мојот репертоар.

И тоа значи дека имам некои успешни погодоци, имам и промашувања, ама имам и успешни погодоци, кога можам после 30 години мирно, со чиста совест, да ја отпејам љубовната песна снимена одамна.

vlado-janevski-za-crnobelo-11.jpg

Дали некогаш сте размислувале да напишете книга - не за музиката, туку за животот, љубовта, или нешто сосема поинакво?

Не осеќам потреба да напишам книга. Ниту сум имал понуда за тоа, ниту сакам да се изразам било како освен преку песните.

Мислам дека мојата публика го сака оној дел од мене што го давам во песните, затоа што тоа е есенција на она што го носам како емоција и како некоја тајна скришна интима.

И тоа никогаш не сум се плашал да го објавам јавно. Некој што чита добро меѓу редови, многу може да научи за мене од моите песни.

Во секоја моја песна меѓу редови се некои мои длабоки тајни кои што ни на најблиските луѓе не ги кажувам, а од друга страна, парадоксално, ги објавувам на цел свет.

vlado-janevski-za-crnobelo-17.jpg

Вашата љубов кон музиката почна со тапаните. Ако денес седнете на тапани дали ќе можете да свирите на нив или заборавивте како?

Ау, сум заборавил. Неееее, не знам како. Јас почнав како тапанар и многу сакав тапани, ама животот ме одведе во друг правец и денес не би можел палиците да ги држам, не би знаел како.

А многу сакав тапани, тие се причината зашто влегов во музиката, ама тоа е почетната фаза.

vlado-janevski-za-crnobelo-12.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм



Би можело да ве интересира:

Боро Мирчески: „Син ми до 3 и пол години не кажа ниту еден збор, по многу работа, на првото ‘мама’ -... „Првите знаци дека во развојот на детето се можни заостанувања беа околу 18-иот ...
„Учев на свеќи, во контакт сум со биолошката мајка“: Марија од Пехчево порасна во СОС Детско село - ... „Би лажела ако кажам дека целото мое детство било тешко, иако подоцна стана. Жив...
Владо Георгиев за CRNOBELO: „Јас, како маж, не треба да им викам на своите ќерки, со сопругата не им... „На скала од 1 до 10 колку сум строг како татко, би рекол 2 ха, ха. Ние татковци...
Љубовната приказна на Тања Кочовска и Предраг Павловски: „Ме запроси во 5 наутро, на секоја жена ѝ п... „Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше 4-5 години, а јас бев тогаш во екот...
Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 не... „Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев ...
Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg