Бајага за CRNOBELO: „Попрво би се откажал од вино отколку од љубов“
За почеток го прашав од што би се откажал попрво ако треба да избира - од виното или од љубовта, имајќи предвид дека скопскиот концерт е закажан за на Св. Трифун, односно Валентајн.
А тој ми одговара:
„Од виното ми е полесно да се откажам отколку од љубовта. Мислам, јас и онака не пијам алкохол, па изборот во овој случај ми е навистина лесен.
И да не заборавам да кажам дека навистина се радувам на концертот во Скопје, навистина одамна не сме се дружеле тука, а средбите со македонската публика ми се секогаш посебни“.

Неговиот одговор самиот ме наведе на следното прашање: „Како музичар кој е повеќе од 40 години на сцената, дали знае која е таа ‘тајна состојка’ во неговите песни што ги прави омилени кај многу генерации, зашто на неговите концерти не доаѓаат само возрасни луѓе, туку и тинејџери, млади во своите дваесетти години, и пеат заедно со него?“.
„Верувај, јас песните секогаш ги пишував како што мислев дека треба да звучат.
И никогаш не размислував за тоа дали ќе станат хитови, ниту пак правев нешто со надеж дека после многу години ќе сакаат да го слушаат идните генерации млади.
Но, многу ми е мило што тоа се случува, што понекогаш на концертите во првите редови гледам луѓе кои не биле родени кога ја почнував кариерата, па дури ни на половина од мојата кариера, пред 20 години“, вели тој.

На прашањето дали доаѓал во Македонија приватно, а не само за концертите, рече:
„Знаеш, се случувало да имаме повеќе концерти тука, како некоја мини турнеја низ земјава.
Па тогаш сме знаеле цел бенд да останеме уште неколку дена плус во Охрид или во Скопје, да се прошетаме, да уживаме во убавините на Македонија.
А ако треба да изберам три работи кои ми се најубави тука, тогаш ќе речам: музиката... климата - мене ми се допаѓа климата иако знам луѓе на кои не им се допаѓа... храната - немам коментар на ова, самите знаете каква храна имате“.

Една од работите која секогаш ќе биде синоним за Бајага е и неговата фризура од 80-тите, кратка горе, а долга само на темето кај вратот (слично на популарната фризура „фудбалерка“ што се носи и денес).
Во тоа време многу момци го копираа неговиот стил. Но, Бајага и ова го поврзува со музиката, а не со неговиот физички изглед.
„Па добро, тоа е нормално кога првпат ќе направиш голем успех, па те има насекаде.
На луѓето тоа им станува интересно и сакаат да те имитираат, на некој начин, но пак ќе кажам - причината за тоа е музиката“, кажа тој.

А што прави кога не е на турнеи, во студио, како му минува денот кога денот не е во студио - го прашав за крај...
„Па, кога немам концерти или обрврски со работата, тогаш, да речеме, знам да легнам и да поспијам подолго од вообичаено.
Но, види, мене музиката ми е и професија и хоби, така што, сите мои интереси се врзани најчесто за музиката“ - кажа популарниот пејач.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
