Бајага за CRNOBELO: „Попрво би се откажал од вино отколку од љубов“
- Детали
- среда, 04 февруари 2026
„Ако треба да изберам три работи кои ми се најубави во Македонија, тогаш ќе речам: музиката; климата - мене ми се допаѓа климата иако знам луѓе на кои не им се допаѓа; храната - немам коментар на ова, самите знаете каква храна имате“ - вели Бајага во интервју за CRNOBELO.com.

За многумина Момчило Бајагиќ Бајага е синоним за нивната младост, за едно време кое поминало одамна и нема да се врати, ама на кое се сеќаваат со радост секогаш кога ќе ги слушнат дури и првите звуци на „Плави сафир“, „Тамара“, „Воз“, „Пилуле за лилуле“, „Моји другови“.
Иако во Македонија не доаѓа често како порано, дури и тој самиот знае да каже дека „е наш, домашен“, зашто тука ја имал една од првите турнеи во кариерата, со „Рибља Чорба“, во 1978 година, долго пред да почне соло кариера со своите „Инструктори“.

Во тоа време, свиреле заедно со Драган Мијалковски, време, кое, пак, нему му е останато во силно сеќавање.
И токму тоа го откри неодамна, на прес конференцијата за македонските новинари, а кога со Владо Јаневски го најавија заедничкиот концерт во Скопје, на 14 февруари, денот на љубовта и на виното.

Бајага дури и запеа стара песна од Драган Мијалковски и ги изненади присутните, па со доза на носталгија рече дека тоа биле многу убави времиња.
Но, интервјуто што го правевме по прес конференцијата, и мене ме врати во едно друго време, крајот на 1990-тите, кога бев на почетокот на новинарската кариера и уште не знаев дека ова ќе биде мојата животна професија.
Интервју на Бајага за CRNOBELO.com
„Бајага“ - ми вели тој и ми подава рака да се претстави (како да му треба претставување).
Но, токму тоа го протолкував како одраз на неговата големина - човекот чие име и песни го знаат сите од Вардар до Триглав, пред да успеам да кажам било што, прв ми подаде рака и го кажа своето име... скромно, ненаметливо.
„Андријана“, му велам со насмевка. „Но пред да почнеме, иако знам дека имаме кратко време за разговор, мора да ви кажам нешто. Пред многу години, немав уште ни 19, вие бевте првата регионална ѕвезда со која направив интервју. Седевме на терасата на тогашниот хотел „Бристол“, јас и еден колега, па вие дојдовте на разговор со нас. Криво ми е што не ја носам фотографијата од тоа време, а ја чувам во албум“.
Со Бајага во Скопје, 1997 година
„Па зарем е возможно?“ - ме прашува Бајага со неверување.
Иако оттогаш до денес се поминати скоро три децении, а двајцата сме (каде-каде) повозрасни - една работа ми беше иста - неговата насмевка и препознатливиот длабок, рапав глас по кој уште на првиот стих од песната знаете дека пее тој (дури и песната да ја слушате првпат).

