Еден ден со Бубе, инспиративно момче со оштетен слух - помага во семејниот бизнис пчеларство, одгледува лаванда
- Детали
- четврток, 26 февруари 2026
„Чуваме околу 200 кошници. Во пчеларството секогаш има работа, па Бубе е многу е внимателен и трпелив со пчелите, работи смирено и со почит. Чува и цвеќиња, а омилена му е лавандата, затоа што привлекува пчели и мириса на мир“, вели мајката на Бубе за CRNOBELO.com.

Бубе е младо момче со оштетен слух, но со огромно срце и уште поголема љубов кон природата и животните.
Носи слушни апарати со кои слуша убаво и функционира сосема нормално. Тоа не е пречка за него, туку само дел од неговата животна приказна.
Со семејството живее во Велес, но пчеларникот „ДУКОВИ“ е нивното прибежиште, нивен мир и начин на живот. Се наоѓа во најчистиот предел, во село Подлес, под планината Клепа.

Со пчеларство се занимаваат повеќе од 15 години, а пчеларникот за нив е вистински рај – исполнет со цвеќиња, медоносни дрвца и растенија кои Бубе ги негува со љубов и посветеност.
Пчелите за нив не се само работа, тие им се семејство.
Пчеларството им носи приход, тоа е нивна основна дејност, но најголема придобивка за нив е што Бубе се чувствува корисен, самостоен и среќен.
Инаку, најголема поддршка на Бубе му е помалиот брат Никола, кој иако работи сосема друга професија, сепак во секој слободен миг му помага на Бубе.

Неговата мајка, Валентина Дукова, споделува како изгледа еден ден на Бубе за CRNOBELO.com:
Како му започнува денот на Бубе?
Бубе станува рано. Денот му започнува мирно, со кафе и краток разговор со нас дома.
Пред да започне со работа, сака да прошета низ дворот и да види какво е времето. Природата прво ја „чита“, па потоа започнува со работа.

Кои активности му се омилени?
Најмногу сака да црта и да одгледува цвеќиња, од подготовка на расад, па сè до нивно садење и негување. Особено го радува моментот кога ќе ги види пчелите како носат полен и кога кошниците се полни со живот.
Сака да сади, да полева и да гледа како нешто расте од неговите раце. Тоа му дава чувство на вредност и исполнетост.

Дали пчеларството носи профит или е хоби?
Пчеларството ни носи приход, тоа е наш семеен бизнис, наша основна дејност, но пред сè ни носи мир и достоинство.
Најголемата добивка за нас е тоа што Бубе се чувствува корисен, самостоен и среќен.

Како се забавува во текот на денот?
Бубе знае и да одмори. Сака музика, сака да црта, но сака и тишина во природа и време со семејството.
Помага и во домашните обврски. Кај него сè има своја рамнотежа – работа, мир и радост.

Дали се дружи?
Има неколку блиски пријатели. Не му требаат многу луѓе – туку вистински.
За него квалитетот е поважен од бројот.
Колку пчели чувате и кои се неговите обврски?
Чуваме околу 200 кошници. Во пчеларството секогаш има работа, па Бубе помага каде што може.
Многу е внимателен и трпелив со пчелите, работи смирено и со почит.

