Еден ден со Бубе, инспиративно момче со оштетен слух - помага во семејниот бизнис пчеларство, одгледува лаванда
Колку му помагаат слушните апарати и дали државата помага?
Слушните апарати му помагаат многу – со нив слуша јасно, комуницира слободно и живее нормално. Тие не се луксуз, туку неопходност.
За жал, државата не помага околу слушните апарати. Сè е на наш трошок.
Како родители, секогаш ги земаме најквалитетните и најскапите слушни апарати, околу 1.500 евра за двата, затоа што само со нив Бубе може навистина добро да слуша.
За нас тоа не е избор, туку родителска должност и љубов. Нема цена што може да се спореди со неговата насмевка кога јасно ќе го слушне светот околу себе.

Дали споменува девојки и семејство?
Секако дека има желба еден ден да има свое семејство. Има нежно срце и многу љубов за да даде.
Веруваме дека ќе биде прекрасен сопруг и татко.
Што беше најтешко додека растеше?
Најтешко беше да му објасниме зошто е различен и да го научиме дека различноста не е слабост.
Имаше моменти на повлекување, но никогаш не се откажа. Всушност, тој нè научи нас на трпение, сила и вистински вредности.

Кој дел од градината најмногу го сака?
Цвеќињата и пчелите. Особено лавандата – затоа што привлекува пчели и мириса на мир.
Дали имал некаква незгода во градината?
Фала му на Бога, немал сериозни незгоди. Секогаш внимаваме, а и тој е многу одговорен.

Кои цвеќиња најмногу сака да ги одгледува?
Лаванда, невен и сезонско цвеќе. Ако некое растение се исуши, му е жал – го доживува како да изгубил нешто свое.
Но, веднаш засадува ново. Не се откажува.

Дали има омилен „помошник“?
Да – нашето куче Стела.
Таа секогаш е со него во пчеларникот и му е верен придружник.

Што не му се допаѓа?
Не сака кога времето ќе ги спречи плановите – дожд во време на работа или болест кај пчелите.
Како му завршува денот?
По напорен ден седнува мирно, често со нас, со мед и чај. Неговиот ден завршува тивко, но исполнето.

Која е пораката што Бубе ја испраќа?
Ова не е приказна за пречка – туку за сила. Пчеларникот „ДУКОВИ“ под Клепа не е само место каде што се произведува мед, туку место каде што се гради самодоверба, достоинство и иднина.
Бубе нè научи дека различноста не е слабост, туку вредност. Во свет полн со бучава, тој нè научи да ја слушаме тишината, природата и вистинските нешта.
Ние веруваме дека со љубов, упорност и семејна поддршка – секоја пречка може да се претвори во сила.

