Д-р Саво Трајановиќ, физијатар: „Вратив во функција рака на дете со два ампутирани прста поради петарда“
- Детали
- вторник, 17 март 2026
„Најпредизвикувачки случај ми беше дете со повреда од петарда и ампутација на два прста, каде со помош на мојот тим и со голема упорност на детето, ги вративме движењата на раката и на другите прстите за брзо време. Најчести спортски повреди се повреди на менискусот и скинати лигаменти на коленото“, споделува д-р Саво Трајановиќ (43) за CRNOBELO.com.

Доктор Саво Трајановиќ (43) работи како физијатар, односно специјалист по физикална терапија и рехабилитациска медицина, веќе 13 години.
Тој е оженет и татко на 2 ќерки, а сопственик е на ординацијата Меридиан Медикал во Скопје.
Од скинати лигаменти и скршеници до третирање на пациенти со артрози, мозочни удари, доктор Саво секојдневно се среќава со секаков тип на случаи.
Доктор Саво Трајановиќ за CRNOBELO.com споделува детали од пррофесијата:
Што точно работи еден физијатар и со какви пациенти најчесто работите, односно кои се најчестите состојби што ги третирате?
Физијатарот или специјалистот по физикална медицина и рехабилитација е доктор по медицина кој има завршено медицински факултет 6 години и специјализација за физикална медицина и рехабилитација уште 4 години.
Тој претставува носител на тимот за рехабилитација и го прави прегледот со пациентот, по потреба применува одредени дијагностички процедури - дали е тоа ехо на мускулоскелетниот систем, електромиографија, интраартикуларни апликации на одредени лекови.
Тој ги дава насоките на физиотерапевтот што и по кој протокол треба да се одвива физикалната терапија и рехабилитација на пациентот.
Најчесто третираме дегенеративни состојби како арторзи, фрактури, спортски повреди, невролошки состојби, како мозочни удари и парези, реуматски болести итн.

Кој случај ви бил најпредизвикувачки во кариерата?
Најпредизвикувачки случај ми беше пациент, дете со повреда од петарда и ампутација на два прста, каде со помош на мојот тим и со голема упорност на детето, ги вративме движењата на раката и на другите прстите за брзо време.
Исто така, и пациент со политраума или скршеница на левата потколеница и десната подлактница и надлактица, кој успеавме да го рехабилитираме за краток временски период.
Која скршеница на телото е најстрашна и најдолго се лекува?
Една од најтешките фрактури е на потколеница, поточно на тибијата.

Колку годините имаат врска со закрепнувањето, пример скршена коска кај 7 годишно дете, 37-годишна жена и 77-годишен маж… Со какво темпо зараснуваат?
Секогаш коските кај децата побрзо зараснуваат, и нормално кај помладите побрзо зараснуваат, тоа е во физиологијата на човекот, но сепак зависи од каков тип на фрактура станува збор и која коска.
фото: depositphotos.com
Кој е најголемиот успех што сте го доживеале со пациент и дали имало пациент кој ве инспирирал особено?
Секој пациент кога ќе го видам дека излегува исправен, без штаки и насмеан, мене ми дава сè поголема мотивација.
Кои современи методи или технологии се користат денес во рехабилитацијата?
Во последниве години имаме голем напредок во апаратите за физикална терапија и рехабилитација, тоа се индуктивни магнети, лекар терапија, високоинтензивни ласери, апарати за екстензија, апарати за ударни бранови, роботика.
Но, сепак во рехабилитацијата најважно е пациентот да биде свесен за својата состојба, да ја прифати и да соработува.
Доколку ова го нема, со никаква нова технологија ќе немаме успех.

Што е најинтересниот дел од вашата работа?
Поставувањето на дијагнозата и правење на добар план за рехабилитација.
Колку време по скршеница (на пример рака или нога) се започнува со физикална терапија?
По вадење на имобилизацијата, најчесто тоа е 4 до 5 седмици, треба да се дојде на преглед кај физијатар и да се започне со терапија, но сепак зависи од тоа за каков тип на фрактура станува збор.
фото: depositphotos.com
Како изгледа рехабилитацијата по скршеница на зглоб?
После препорака од ортопед или трауматолог, физијатарот прави преглед, се зема анамнеза и се прави планот за терапија.
Се ординираат соодветни електро, соно, ласер и магнето процедури и се спроведува кинезитерапија.
Кои се најчестите компликации ако не се направи соодветна физикална терапија?
Најчесто настануваат контрактури или ограничени движења во зглобот, оток и болки - тоа е најчесто кај скршеници.

Колку време обично е потребно за целосно враќање на функцијата по скршеница на бутна коска?
Секој пациент е индивидуален, зависи од скршеницата, дали има операција, дали е поставен некој остеосинтетски материјал, тоа е околу три месеца од повредата, но морам да напомнам највеќе значи мотивираноста на самиот пациент и добриот тим за рехабилитација.
Koja e најчеста повреда при свиткано стапало? Колку време е потребно за зараснување на скршена 5-та метатаразална коска и по колку месеци стапалото ќе се врати во одлична форма?
При свиткување на стапалото најчесто се дисторзиите или превиткивувањето на стапалото и тоа најчесто латералните лигаменти се истегнуваат.
Во однос на 5-та метатарзална коска, во зависност од тоа на кој дел на коската е скршеницата или дали има изместување, некаде од 5 до 12 седмици оди процесот на зараснување, а некаде после 4-5-та недела се вади имобилизацијата и се започнува со физикална терапија.
За пациентот да се врати во одлична форма е индвидуално, сè зависи за колку време ќе ги зајакне мускулите на долните екстремитети, ќе ја врати шемата на одење ама некаде после 5,6 месеци од повредата.
фото: depositphotos.com
Дали пациентите можат целосно да се вратат на спорт по сериозна фрактура?
Секако, пак ќе напомнам сè зависи од мотивираноста и добриот тим за рехабилитација.
Секогаш луѓето што спортуваат, не само професионалните спортисти побрзо се закрепнуваат од каква било повреда.