Д-р Саво Трајановиќ, физијатар: „Вратив во функција рака на дете со два ампутирани прста поради петарда“
Како се третира скинат лигамент (на пример во колено)?
Една од најчестите повреди на зглобовите се лигаментите кој ја даваат стабилноста на самиот зглоб. Тие можат да се третираат конзервативно или оперативно.
При конзервативниот третман, после имобилизација, физикалната терапија игра главна улога, а после оперативниот третман постои рехабилитационен протокол со кој се третира зглобот и оперираниот лигамент.
Целта е да се намали отокот и да се зголеми подвижноста на зглобот и зајакнување на мускулатурата.
фото: depositphotos.com
Колку трае рехабилитацијата по операција на менискус?
Во зависност од тоа за како тип на операција на менискусот се работи, дали е делумна менисектомија или се шие менискусот, имаме различни протоколи.
Во првиот случај можеме веднаш да го оптовариме коленото и да почнеме да го виткаме. Отприлика за 6 седмици можеме да се вратиме на нормални спортски активности.
Но, доколку менискусот се шие се користат патерици две до три седмици и пациентот не може целосно да згази, па се враќа на нормални спортски активности после 5 до 6 месеци.

Кои се најчестите спортски повреди што ги гледате?
Најчести спортски повреди се повреди на менискусот и скинати лигаменти најчесто на коленото.
Како може да се спречат повторни повреди?
За да не се повторат повредите многу е битно за каков тип на повреда станува збор и што ја предизвикало повредата.
Најчесто спортските повреди се предизвикани од несоодветно загревање и истегнување на мускулатурата.

Кои се најчестите причини за хронична болка во долниот дел од грбот?
Најчести болки во долниот дел од грбот или лумбалниот дел се дегенеративните промени на пршлените, сподилозни промени, дископатија и дискус хернија.
Како се третира дискус хернија со физикална терапија?
Дискус хернијата се почнува со третирање кога ќе се намали акутната силна болк,а а тоа се прави со лекови за болка.
Потоа се пристапува со третман со физикални модалитети, кои ја намалуваат болката и ја зголемуваат циркулацијата околу болното место, и кинезитерапија, која се состои од вежби за истегнување и зајакнување на грбната и стомачната мускулатура.
фото: depositphotos.com
Дали физикалната терапија може да избегне операција кај некои пациенти?
Да, секогаш физикалната е прва пред операцијата, и секогаш треба да се проба прво со физикална терапија, а потоа да се размислува за оперативен зафат, нормално тука зборуваме за состојби за кои не е потребна итна интервенција.

Како изгледа рехабилитацијата по мозочен удар?
После третманот од стана на неврологот, се започнува со рехабилитација веднаш во болнички услови, каде доколку има некоја пареза или плегија се третира со соодветни пасивни вежби.
Потоа, најдобро е пациентот да оди во некој рехабилитационен центар каде се применува кинезитерапија, електротерапија, а во поново време и роботска терапија.
Секогаш треба да се внимава со овие пациенти да не се преоптоварат и изморат и нормално да се следат нивните интернистички параметри, како хипертензија или дијабет.
Затоа мора тесно да соработуваат физијатарот, физиотерапевтот, неврологот и интернистот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело