Љубовната приказна на Сузана Гавазова и Јасмин: „Беше вистински џентлмен кога се запознавме, ме запроси по 9 месеци“
- Детали
- понеделник, 23 февруари 2026
„Првите средби со неговото семејство беа малку стегнати, имав трема. Доаѓам од Македонија, сум јавна личност и нормално е родителите да имаат прашалници во глава 'Од каде се појави сега оваа девојка?'. Чувствував дека на почетокот беа малку скептични, но јас бев своја и мислам дека токму тоа им ги освои срцата“, раскажува Сузана Гавазова за CRNOBELO.com.

Пејачката Сузана Гавазова Курузовиц (46) од 1998 година професионално се занимава со музика. И токму музиката ја споила со сопругот Јасмин Курузовиц (53), кој е сопственик на градежна фирма.
Се запознале на забава кај нивниот сегашен кум, размениле контакт, а по околу една година почнале да контактираат поинтензивно.
Во тоа време Јасмин живеел во Шведска, таа во Македонија, па комуницирале најмногу преку пораки.
Но токму преку таа комуникација се родила првата љубов и кога следниот пат се сретнале, околу две години по запознавањето, почнале врска и оттогаш се неразделни.

За бракот кој трае 12 години, двете свадби (едната во Шведска, другата во Македонија), романтичната страна на Јасмин, но и како Сузана со карактерот ги освоила својот свекор и свекрва, прочитајте го интервјуто:
Кога и како се запознавте? Кој го направи првиот чекор?
Со Јасмин се запознавме во 2012 година, на роденденот на нашиот сегашен кум Горан, тогаш негов комшија, а мој колега музичар.
Јас бев поканета како специјален гостин на забавата и таму првпат го видов Јасмин.
Искрено, јас тогаш бев некако незаинтересирана, повеќе фокусирана на работата, но тој остави навистина убав впечаток.
Си разменивме броеви, но не комунициравме нешто посебно.
Во мај 2013 година ме покани да пеам во неговиот клуб во Шведска - организираше македонска вечер во босански клуб.
Ја прифатив поканата и останав три дена таму.
И тогаш ништо конкретно не се случи, Јасмин се покажа како вистински џентлмен.
Даваше знаци дека му се допаѓам, но не сакаше да избрзува, а тоа многу ми се допадна.
Кога се вратив во Македонија, останавме во контакт.
Почнавме постојано да се допишуваме, и токму преку тие разговори се роди нашата љубов.
Се договоривме повторно да се видиме и од тогаш сме неразделни.

Со што те освои сопругот?
Ме освои со трпението, со почитта и со неговиот однос.
Не форсираше ништо, не глумеше, беше стабилен, сигурен и искрен.
Тоа чувство на сигурност што ми го даваше од самиот почеток беше пресудно.

Колку време бевте заедно пред да те побара за сопруга? Како те запроси?
Бевме заедно девет месеци. Нашата љубов се развиваше брзо, но некако природно и сигурно.
На 8 февруари 2014 година официјално стапивме во брак.
Запросувањето беше навистина посебно и неочекувано.
Имавме гости дома, а Јасмин ме замоли да одиме до неговиот брод за да земеме нешто што му било потребно за во кујната.
Јас навистина не ни помислував дека нешто такво се подготвува.
Во еден момент, одеднаш клекна и ме праша: „Ќе се омажиш ли за мене?“.
Јас почнав да се смеам од возбуда и само викав: „Аааа, да!“
Тоа беше еден од оние моменти кога срцето ти чука силно, а времето како да застанува.
Кога се вративме дома, ја споделивме радоста со гостите и тоа беше навистина прекрасен почеток на едно ново поглавје.

Раскажи ми некој интересен момент од свадбата? На што се сеќаваш најмногу?
Имавме мала свадба во Хелсингборг, Шведска, а големата свадба ја направивме на 8 август 2014 година.
Тогаш нашата прва ќерка Емили веќе беше родена и имаше само четири месеци, што му даде уште поголема убавина и емоција на целиот ден.
Свадбата во Струмица беше навистина спектакуларна, со многу мои колеги пејачи и богата програма.
