Љубовната приказна на Сузана Гавазова и Јасмин: „Беше вистински џентлмен кога се запознавме, ме запроси по 9 месеци“
Посебна чест ни беше што на нашата свадба пееше и легендата Шабан Шаулиќ, тоа беше момент кој никогаш нема да го заборавиме.
Но, најдраг момент ми беше на самиот почеток, кога наздравувавме со гостите.
Водителот на свадбата, Зоран Георгиев, имаше подготвено говор составен од наслови и стихови од сите мои песни снимени до тогаш.
Тоа беше толку креативно, емотивно и лично, навистина ме трогна.

А се сеќаваш ли на првите средби со семејствата? Имаше ли трема?
Искрено имав трема. Првите средби со неговото семејство ми беа малку стегнати.
Сепак, доаѓам од Македонија, сум пејачка, јавна личност… и нормално е родителите да имаат прашалници во глава - „од каде се појави сега оваа девојка?“
Чувствував дека на почетокот беа малку скептични, што е сосема разбирливо.
Но јас сум по природа позитивна, отворена и искрена.
Не глумев ништо, бев своја и мислам дека токму тоа им ги освои срцата.
Со текот на времето изградивме прекрасен однос, особено со свекрвата и свекорот.
Денес навистина се чувствувам прифатено и сакано.
Свекорот сега не е меѓу живите, тој почина на мој роденден, на 21 декември 2019.

Дали е Јасмин романтичен? Која е најромантичната работа што ја направил за тебе?
Јасмин не е класичен романтичар со секојдневни цвеќиња и стихови, но знае да направи вистинско изненадување и тоа да биде незаборавно.
Еден од најубавите моменти беше за мојот роденден на 21 декември.
Бидејќи е пред Нова година, секогаш е во празнична атмосфера. Тој ми даде подарок преку ден, ми честита, сè беше нормално.
И ми рече: „Спремај се вечер, ќе одиме на предновогодишна забава од една фирма на мои пријатели“.
Јас си помислив „Па добро, ќе облечам нешто обично“. Но тој инсистираше да облечам фустан, дека сите така ќе бидат облечени.
Кога стигнавме пред локалот, беше темно и јас си реков: „Што е ова, нема ништо тука…“ Тој само ми рече да влеземе.
Во моментот кога ја отворив вратата - сите во еден глас почнаа да пеат „Среќен роденден“. Целата забава била организирана за мене!
Тоа беше вистинско изненадување, момент полн со љубов и внимание.
Тогаш сфатив дека романтиката не е во големи зборови, туку во делата.

Колку години сте во брак? Како ја одржувате љубовта?
Во брак сме 12 години. Искрено, времето лета кога си со човекот што ти е вистински партнер и пријател.
Љубовта ја одржуваме со внимание, со разговор и со почитување.
Не дозволуваме секојдневието да нè оттурне еден од друг.
Секогаш наоѓаме време за нас, макар тоа бил обичен разговор, кафе заедно или кратко патување.

Кога ќе се јават несогласувања, кој попушта прв? Кој е поизбувлив?
Кога имаме несогласувања, ги решаваме многу лесно. Ниту тој, ниту јас сме луѓе што сакаат долги расправии и караници.
Не ни одговара негативна енергија во домот.
Понекогаш попушта тој, понекогаш јас, и тоа е сосема нормално.
Бракот не е натпревар кој ќе победи, туку тимска игра.
Јас сум поемотивна и понекогаш поизбувлива, но исто така и побрзо ми поминува.
Јасмин е посмирен и постабилен, и можеби токму затоа убаво се балансираме.

Што е важно за успешен брак?
Според мене, најважни се почитта и довербата.
Кога постои доверба, нема место за сомнежи. Кога постои почит, нема место за понижување.
И секако љубовта. Но љубовта не е само чувство, туку и одлука. Одлука секој ден да бидеш тука, да разбираш, да поддржуваш.
Кога ги имаш тие темели, љубовта расте сè повеќе и повеќе.
