Нашата Миа (9) тренира уметничко лизгање во Германија: „Почна на 5 години, не се обесхрабрува ни кога ќе падне“, вели мајка ѝ
- Детали
- понеделник, 23 февруари 2026
„При првата прошетка низ Олимпија Парк во Минхен, Миа забележа девојче во лизгалки и љубопитно тргна по неа. Девојчето одеше на тренинг, а Миа без двоумење влезе во лизгалиштето и ги набљудуваше децата што тренираа. Тоа беше моментот кога се роди љубовта кон овој спорт“, вели за CRNOBELO.com Ангелина Петровиќ, мајката на нашата мала лизгачка.

Миа Петровиќ (9) e родена во Скопје и тука живее до својата петта година,кога со родителите се сели во Минхен, Германија.
Мајката на Миа, Ангелина, за CRNOBELO.com вели дека нејзината ќерка уште од најрана возраст покажувала љубов кон уметноста и сценскиот настап.

Балет почнала да учи на тригодишна возраст, а на четири и пол години станала член на модното студио „Црнокрак“.
„Со нив, на само четири и пол години, ја претставуваше Македонија на изборот Little Miss Planet 2021 во Дубаи, каде што го освои првото место и донесе титула за нашата држава“, открива Ангелина.

Таа вели дека приказната на Миа со уметничкото лизгање почнала сосема спонтано и тоа при првата прошетка низ Олимпија Парк во Минхен и ја раскажа успешната приказна на својата ќерка:
„Миа забележа девојче во лизгалки и љубопитно тргна по него. Девојчето одеше на тренинг, а Миа без двоумење влезе во лизгалиштето и ги набљудуваше децата што тренираа.
Тоа беше моментот кога се роди љубовта кон уметничкото лизгање.
Веднаш разговаравме со одговорните, и голема среќа беше тоа што го запознавме тренерот Игор Стрелајев, професионален руски лизгач, кој одлично го зборува српскиот јазик, што значително ѝ помогна на Миа во првите чекори, затоа што во тој момент таа воопшто не го зборуваше германскиот јазик.

Започна со два пробни тренинга, во кој на едниот се запознаваше со лизгалките и мразот, а на другиот имаше пад на брадата и заврши на шиење во болница.
Ние како родители помисливме дека тоа ќе ја обесхрабри, ќе ѝ предизвика одбивност и страв, но напротив, таа со нетрпение го чекаше следниот тренинг.
На 5-годишна возраст тренираше два пати неделно. Веќе на шест години, поради зголемениот интерес, тренинзите се зголемија на три пати неделно, комбинирани со балет и атлетика.

Кога наполни 7 години, ги положи сите неопходни тестови и официјално, со договор, влезе во професионалната натпреварувачка категорија како член на Минхенскиот уметнички лизгачки клуб.
Тренира во SAP Garden во Минхен со професионален руски тренерски тим Игор Стрелајев и Јана Кениг како главни тренери, како и други специјализирани тренери за одделни елементи.
Сега таа тренира од понеделник до сабота. Секој ден има тренинг на мраз плус балет, атлетика, акробатика или off-ice вежби. Во просек, тоа се 3-4 часа тренинг дневно.

Кореографиите ги осмислува кореограф, кој е задолжен за уметничкиот израз, емоцијата и техничката структура на програмите.
За една кореографија да биде високо оценета од судиите, потребно е да содржи технички сложени елементи како аксел, луц, комбинации на скокови, разновидни пируети и комплексни чекорни секвенци.

Покрај техничката изведба, од огромно значење е уметничкиот впечаток, поврзаноста со музиката, изразот на лицето, движењето на рацете и целокупната презентација.
Кореографот често додава специфични транзиции и детали за да се зголеми техничката и уметничката вредност на програмата.
Миа во моментов се натпреварува во повисока категорија од нејзината возраст, што значи дека се соочува со постари и поискусни натпреварувачи.
Најголем предизвик за неа се тестирањата пред тричлена комисија, каде што мора да ги демонстрира сите елементи за да напредува во повисоко ниво. Тоа е психолошки најтежок дел.

