Љубовната приказна на Теодора и д-р Кристијан Ристовски: „Се поврзавме, двајцата работиме со лица со посебни потреби“
- Детали
- понеделник, 02 март 2026
„Јас сум специјален едукатор и рехабилитатор по професија. Кристијан е стоматолог и некако самите професии ни беа причина за запознавање. Но, најголемиот предизвик кој нè стави на работ е раѓањето на нашето прво дете, во 27ма недела од бременоста со само 810 грама“, вели Теодора Томовска Ристовска од Скопје за CRNOBELO.com.

Теодора Томовска Ристовска и Кристијан Ристовски од Скопје веќе 3 години се во брак и имаат две дечиња, а се знаат веќе 5 години.
Велат дека навистина брзо се зближиле од самиот почеток поради нивните професии.
Теодора е специјален едукатор и рехабилитатор по професија, а Кристијан стоматолог, а заедничката професионална точка им е тоа што и двајцата работат со лица со посебни потреби.
Теодора ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Понекогаш случајностите се лузни на судбината. Таков беше почетокот. Без притисок и некое очекување сосема спонтано, но истовремено и предизвик.
Предизвик за еден поинаков почеток.

Јас сум специјален едукатор и рехабилитатор по професија.
Кристијан е доктор стоматолог и некако самите професии ни беа една од причините за запознавање. Посебноста нè спои.

Истовремено сме и различни... Тој е спонтан и харизматичен и тоа е една од главните причини за нешто што направи клик во мене.
Јас, пак, сум организацијата и дисциплината со која се надополнуваме од една крајност во друга.

На почетокот беше предизвик додека го најдеме балансот на функционирањето, но сè беше низ призмата на експериментирање.
Кристијан е љубител на адреналинот и планинарењето, а за мене тоа беше двигател за да пробам и јас.

Самиот почеток на нашето патешествие беше исполнет со добро организирано слободно време за нас двајца и имавме можност да шетаме.
И двајцата сакаме да истражуваме нови работи, да учиме нови нешта и да запознаваме нови луѓе.

Некако не ја сакаме таа комфор зона бидејќи во самата комфор зона нема простор за раст и за забележување на нешто убаво, нешто корисно.

И двајцата сме љубители на добар муабет без чашка ракија.

Запросувањето беше момент кој Кристијан го имаше осмислено на начин својствен за нас. Без публика и без спектакл.
Искрено, јас не ни очекував за толку кратко време да влезам во едно зрело функционирање со поголема одговорност.
Кратката љубовна врска беше емоционално обоена и интензивна и тоа беше пресудно од оваа дистанца за моето „ДА“.
