Ивана од Берово е мајка на 4 момчиња: „Моја желба беше јас да се грижам за нив, избегнуваме штетни состојки во сè“
- Детали
- среда, 18 март 2026
„Имаме спори утра, нема брзање за одење некаде. Од мали ги поттикнувам самостојно да јадат, да се мијат, да се облекуваат. Најчесто оброците ни се дома подготвени, се трудиме да имаме дома што помалку процесирана храна. Медот ни е главно благо, а за облека, задолжително избираме природни материјали“ - вели Ивана за CRNOBELO.com, мајка на 4 деца, која изработува природни производи за нега и хигиена.

Ивана (35), по потекло од Берово, а мажена во Скопје, е мајка на 4 момчиња, Самоил (7), Перун (5), Јавор (3) и Исток (1).
Се занимава со изработка на природни производи за нега и хигиена и здравиот и природен начин на живот се обидува од најмала возраст да им го пренесе и на своите деца.
Во една прилика таа зборуваше за благодетот од природно породување и раскажа дека по третото породување, докторот ја пуштил од болница уште истиот ден.
Исповед на Македонка: „Се породив за 5 минути во болница во Берово и по неколку часа нè пуштија дома“

Сега, за CRNOBELO.com таа раскажува како е да се биде мајка на 4 деца, како изгледа секојдневието и организацијата во текот на еден ден:
„И јас и сопругот сакавме повеќе дечиња. Уште пред да ни дојдат дечињата и двајцата се согласивме за една работа, моја желба беше од кога ќе ги родам, да се грижам јас за нив.
Сметам дека во првите години од животот мајката е најпотребна и треба да биде во близина на децата.

Животот и секојдневието со нив е исполнето и шарено. Има смеа, има плачење, пеење, игра и забава, но најмногу од сè љубов.
Разликата од околу 2 години помеѓу секое не ни претставува проблем и тешкотија, можеби со првото дете беше малку потешко од аспект на непознато, несигурност.
Со секое наредно веќе е познато и полесно. Кога е едно, многу повеќе е потребно вниманието од родител, кога се повеќе, се заигруваат меѓусебно, поголемите ги пазат помалите, преку игра и секојдневни ситуации учат еден од друг.

Родителството само по себе е предизвик, со секој нов ден.
Немаме точни рутини, Самоил оди во училиште, а другите остануваат дома со нас. Имаме спори утра, се будат секој во свое време, нема брзање за одење некаде.
Од мали ги поттикнувам самостојно да јадат, да се мијат, да се облекуваат, тие го сакаат тоа. За спиење легнуваме речиси во исто време, двајцата помали со мене, поголемите со сопругот.
Не ги форсираме посебно сами во соба, кога ќе бидат спремни за тоа ќе си побараат сами. И така брзо растат. Уживаме да се гушкаме и ние со нив и тие со нас.
Навиките ги воспоставуваме со секојдневно повторување и со пример, децата навистина се одлични имитатори.
Неодамна прочитав некаде: 'Не треба децата да се превоспитаат, родителите се тие што треба да се превоспитаат' – има голема вистина во тоа.
Целата тежина што ја носи мајчинството ја победува една топла прегратка, насмевка, еден поглед од тие очиња што светлина зрачат.
Љубов се, тие се најубавото нешто што ми се случило, не е лесно, но е вредно.

Јас сум човек што ретко бара помош. Успевам и сама сè да завршам, но секако ми е добредојдено кога некое од децата ќе изрази желба да помине малку време со баба и дедо.
Олеснително ни е што живееме во куќа, имаме двор за игра надвор, имаме и повеќе простории, па во склоп на домот имаме и простор каде што ги изработуваме нашите природни производи.
Бидејќи сите состојки се природни и безбедни, ги вклучувам и децата во процесот, ми ги редат шишенцата, ми помагаат околу лепењето етикети и слично.
Сакаат да добиваат задачи и да се чувствуваат корисно.

