Љубовната приказна на Марија од Куманово и Ваман од Индија: „Се запознавме во Лондон, сега живееме во Дубаи“
- Детали
- понеделник, 09 март 2026
„Тој дозна за Македонија кога се запознавме. Јас живеев во Виена, а тој доаѓаше двапати месечно од Дубаи за да ме види. Купуваше авионски карти во последен момент. Ако ме прашате што е најважно во нашата приказна, тоа не се цвеќињата и романтични вечери. Не се ни летовите. Тоа е фактот што кога јас се плашев, тој веруваше во нас“ - вели Марија за CRNOBELO.com.

Марија Каранфиловска (24) од Куманово e во врска со Ваман Алавадхи (24) од Њу Делхи и денес живеат заедно во Дубаи.
Таа е магистерка и работи како „headhunter“ за извршни позиции во јавна компанија, паралелно вклучена е и во семејниот бизнис, а Ваман е инвестициски консултант, сопственик на Bendereign, нов трендинг кафе-бренд во Дубаи, и истовремено работи во својот семеен бизнис.
Марија и Ваман се заедно 2 и пол години, прво имале врска на далечина додека таа живеела во Виена, а потоа во само 5 дена одлучила да се пресели во Дубаи со него.
Иако постојат некои разлики, вели дека се занемарливи, бидејќи како луѓе се многу слични и со исти вредности и амбиции, а благодарна му е што тој верувал во нив и не ѝ дозволил таа да се откаже.
За љубовната приказна, Марија детално раскажува за CRNOBELO.com:
„Во врска сме две и пол години. Но ако ме прашате каде почна сè, ќе ве однесам на King’s Cross Station, Лондон, март 2022.
Бев студентка на Regent’s University и одев со неколку пријателки кон polo club настан организиран од универзитетот, надвор од градот.
Во таа гужва, сосема случајно, започнавме разговор. Сфативме дека сме од истиот факултет и целиот ден го поминавме во исто друштво.
Не беше љубов на прв поглед. Барем јас така мислев.
Имаше силна хемија. Тој цел ден се обидуваше да дознае сè за мене, од каде сум, каков е животот во Македонија, кои се моите хобија и моите амбиции.
Тој дозна дека Македонија постои токму тој ден. Подоцна дознав дека ја прашал мојата другарка Паула за „thе girl from Macademia“ (девојката од Македонија).
До ден-денес го зафркавам за тоа.
Останавме пријатели. Долго време. Бевме во постојан контакт, но без да размислувам дека може да биде нешто повеќе.
Скоро две години подоцна, кога јас веќе живеев во Виена заради магистерски студии, а тој беше во Дубаи, работите почнаа да се менуваат.
Тој суптилно се обидуваше да ме покани на состанок, меѓу редови. Јас бев скептична.
Искрено, не верував дека врска меѓу девојка од Македонија и момче од Индија може да успее, особено не на дистанца.
Јас имав страв. Тој имаше вера.
Тој уште тогаш, многу пред јас да поверувам, виде во нас нешто што вреди да се чува и за кое вреди да се бори.
И тогаш, сите оние филмски љубовни сцени, што сум ги гледала само во филмовите, почнаа да ми се одвиваат пред очи.
Патуваше двапати месечно од Дубаи во Виена само за да поминеме неколку дена заедно. Имавме бескрајни видео повици до доцна во ноќта.
Купуваше авионски карти во последен момент. Дури еднаш ми кажа дека е во Кина на бизнис патување, еден час подоцна беше пред мене во Виена, организирајќи тајно изненадување со мојата другарка Валерија.
Додека пак кога јас патував да го видам, секое мое слетување имаше ист кадар - тој, букет цвеќе и насмевка што ме тераше да заборавам колку часа сум летала.
Другпат беше во Лондон на работа. Му зборував цел ден колку ми недостига, бидејќи имав тежок период. Тој требаше да се врати дури по седум дена.
Наместо тоа, го фати првиот лет и ме разбуди среде ноќ во Дубаи пред врата со букет цвеќе и куфери до него. Само затоа што му реков дека ми недостига.
Претерано? Можеби. Дали паднав на тоа? Апсолутно.
