Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 недела старост, страдав“
Што научи за себе во тие години? Кои ти се најубави спомени од тој период? Имаш ли другари/ки од домот со кои комуницираш до денес?
Спомени имам многу, а за тоа треба книга да напишам и таа книга има многу да раскажува за мојот трнлив и тежок живот.
Јас имам бледо несреќно детство, додека се навикнеш од една во друга средина.
Ние таму бевме како браќа и сестри и до ден денес сме браќа и сестри, јас сите ги почитувам колку и да сме разделени во разни насоки.
Мојот детски живот го поминав во домот, со помалку дружење, а најмногу со работа. Работев сè во кујната каде се готвеше, љубител бев на кујната и готвењето кое ме влечеше од мојата 10-годишна возраст и истото го продолжив додека служев воен рок во Македонската армија од 9 месеци.
Во армијата ме фати еден кризен период и размислував да си го одземам мојот живот, се прашував: „Зошто ние живееме казнети од нашите биолошки родители?“ Но, таа криза ја пребродив сам во себе.
Завршуваш со армијата после 9 месеци и пак си повторно на улица, под ведро небо, и одново сè почнуваш.

Исто така работев и во домот. Бев со магационерот за храна и хигиена и набавки на сите намирници, кој ги правеше. Го чистев и одржував паркот на целиот двор од домот 11-ти октомври и ме плаќаше домот, како сегашни 2.000 денари и секој месец тие пари ги заштедував во марки и со тие пари си купив бела техника и основни материјали за домаќинство.
Во последно време сите ние деца од домот што сме фамилијарни луѓе сега (4 фамилии сме) се собираме и дружиме, правиме журки за Нова година, редовни пикници и одење во кино, на планини и по паркови...
Старосват ми е еден другар со кој заедно растевме во домот. Ние најчесто се гледаме не само како браќа и сестри, туку и роднини стануваме, но мора да имаме права и да ги знаеме нашите биолошки родители, за да не се случи инцест помеѓу сите нас.

Посакуваше ли да те посвои некое семејство, имаше ли многу деца кои беа посвоени или повеќето пораснаа во домот? Колку е тежок процесот на посвојување во Македонија?
Да, посакував да се вратам кај моите биолошки родители, а ако малку повеќе се запрашаше и грижеше државата ќе беше подобро.
Требаше да се погрижат за нашите биолошки родители и да работат со стручни тимови да се спаси нивниот брак и да се најдеше начин со работилници децата да се вратат во прегратките на родителите, наместо да завршуваат во домови за деца без родителска грижа и без родители.
На децата и бебињата местото им е кај биолошките родители, а не во сиропилишта, како што ги нарекуваат граѓаните.
Исто така, сум против сите кои оваа институција ја нарекуваат „домот на копилиња“ и за оваа навреда и понижување до нас не сакам ни да коментирам - гнасно е и долно!
Ние не сме „копилиња“, имаме наш корен и биолошки родители, како и сите вие кој имате биолошки родители.

Ако си посвоен во Македонија, нема никогаш да ја дознаеш вистината дека си посвоен, освен ако дознаеш од други дека си посвоен и тоа од соседи, училиште, градинка, другари, другарки од твоја група или клас итн.
Има многу кои се посвоени, но не се со вистинскиот ниевн ЕМБГ, година и месец на раѓање и сè останато.
Живееш во закрила и збунет си, а на крај ти се враќа како бумеранг од ведро небо кога ќе ти се случи нешто.
Затоа секој треба да ја знае вистината кој и кога е посвоен од неговата 6 или 7 година, тогаш подруго ќе биде за сите нас.

Процесот за посвојување е многу тежок и корумпиран со примање на мито од страна на посвоителите и целата комисија, која е од 10 до 15 членови во МТСП.
Затоа секој кој бара и нуди мито треба да се пријави во првата полициска станица.
Инаку, пазар во Македонија прават и самите посвоители дали машко или женско да биде бебето или детето кога се посвојува.
Децата не се пазар и трговија - какво да биде или, пак, да не било со пречки во развој и слично. Илјадници евра мито се во игра, па дури и автомобили и станови. Мора итно затворски казни за сите вмешани во ваквите нечисти игри.
Да се стави крај на мафијата за продавање на бебиња и деца.. Па, каде ќе им оди душата?
Процесот на чекање при посвојување е 5 години, а јас како претседател на здружение ќе барам од 5 да се намали на 2 години.
Трендовите на посвојување ги следам надвор од Македонија и мора и ние да го унапредиме системот.

Како домот ти помогна со твоето образование? Како изгледаше преминот кон самостоен живот? Кој ти помогна најмногу во тој период? Што се промени на 18 години?
Образованието немавме, но не по наш избор, туку изборот беше на воспитувачот.
Но, сега ова нема да биде вака, секој има право по устав и закон за образование каде сака да се запише.
60 младинци беа со незавршено средно и со 3 и 4-ти степен на средно образование.
Потоа, тогашниот премиер Никола Груевски на 60 поранешни штитеници им помогна да го завршат средното образование. Сега, сите тие се вработени и се конкурентни на пазарот за вработување.
Мојата наполнета 18-та година многу ме потресе и ме исплаши, како за мене така и за моите браќа и сестри од домот.

Јас пред да го напуштам домот 11-ти октомври се вработив во Жито Лукс, како дистрибутер на леб.
Ни рекоа дека секој мора да го напушти домот, со една торбичка во рака, и со 20.000 денари пред домот на асфалт во самиот двор.
Тогаш памтам дека од 15 до 17 штитеници се гледавме во дворот на домот, се гледавме едни со други и се прашувавме што понатаму со нас.
Остануваш на улица под ведро небо и без документи - без покрив над глава и невработен.
Каде и да баравме станови и соби под кирија од сите бевме бркани и неприфатени, самите со себе - кој како знаеше се снаоѓаше, кој кај другари или пријатели и некои на улица завршуваа, додека најдеа покрив над глава.
И јас на улица останав. Не можев да бидам прифатен цели 4 месеци, додека најдам соба под кирија, а тој период јас си знам како се снаоѓав за покрив над глава.

