Еден ден со д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург: „Станувам во 5h, возењето мотоцикл ми е издувен вентил“
- Детали
- четврток, 16 април 2026
„Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми треба мотивациски говор - ми треба јасна глава. Инаку, имам мал круг на пријатели. Луѓе што не се импресионирани од титули. И сметам дека пријателството не е бројка, туку континуитет“, вели д-р Владимир Чадиковски за CRNOBELO.com и открива како изгледа еден негов ден.

Д-р Владимир Чадиковски е детски кардиохирург во чии раце се животите на најмалите и најнежните. Доктор кој комплетно се дава на својата професија, но знае и дека треба да мине квалитетно слободно време ако сака да биде со најдобар можен перформанс на работното место.
Денот го започнува рано и мирно, а издувен вентил му е неговата омилена пасија - мотоциклите.
Тој снима и одличен подкаст, каде гостуваат луѓе од докторската фела и ни ги откриваат тајните на својата професија.
Д-р Чадиковски за CRNOBELO.com споделува како изгледа еден негов ден:
Како ви започнува еден ден, имате ли утрински ритуал пред работа?
Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми треба мотивациски говор – ми треба јасна глава.
Првите 60 минути се тишина и план, средување мисли, план за денот.

Како изгледа дезинфекција пред влез во сала?
Тоа е момент на префрлање од приватен во професионален режим. Како да затвораш една врата и отвораш друга.
Сè станува едноставно: фокус, протокол, одговорност. Нема место за его.

Колку операции правите на ден? Има ли паузи за одмор при долга и тешка операција?
Најчесто една, траат многу долго и физички и психички си оптоварен многу за да има две дневно.
Одмор нема во класична смисла. Има пауза колку да го средиш умот.
Хирургијата не бара физичка сила, колку што бара психичка стабилност.

Дали ви е потешко да оперирате или да ги охрабрите родителите?
Разговорот. Затоа што таму нема техника, туку доверба.
Луѓето не бараат херој – бараат некој што стои цврсто во тоа што го работи. Смируваш со мирен тон, јасни реченици и без лажна гаранција.

Кој ви е најубавиот дел од работниот ден?
Кога ќе почувствувам дека тимот функционира без збор. Тоа е ретка дисциплина – колективна интелигенција во акција.

