Сандра Ш. Каевска со семејството живее во Шведска: „Првите 3-4 години често размислувавме да се вратиме, денес децата ни се шампиони во карате“
Како реагираа на првите натпревари – беше ли тешко да се справат со притисокот?
Бидејќи започнаа да се натпреваруваат од многу мали, мислам дека дури и не беа целосно свесни за притисокот. Ние како родители никогаш не им ставаме притисок дека мора да победат.
Во нашето семејство постои правило дека најголемиот успех не е медалот, туку тоа детето да даде сè од себе и да биде подобро од претходниот пат.

Дали каратето им помага и во секојдневниот живот?
Апсолутно. Карате не е само спорт, туку и начин на воспитување. Ги учи на дисциплина, концентрација, почит и самоконтрола. Најважно е што децата учат дека карате е вештина за самоодбрана, а не за напад.

Како ја поддржувате нивната страст кон спортот?
Нашата поддршка е пред сè практична и емотивна. Ги носиме на тренинзи неколку пати неделно, а викендите често ни се резервирани за натпревари. Тоа на некој начин стана дел од нашиот семеен живот.
Најважно ни е децата да бидат среќни во тоа што го прават. Што и да изберат додека ги исполнува и им носи радост, ќе ја имаат нашата целосна поддршка.
Како гледате на образованието и спортот за деца во Шведска во споредба со Македонија?
Образовниот систем во Шведска е доста различен од оној во Македонија. Децата одат на училиште со радост и без голем притисок. Нема многу тестови, а домашните задачи се малку и се прилагодени на возраста на детето.
Наставата е повеќе практична и се базира на разбирање, а не само на меморирање. Често учениците учат преку практични примери, па дури и часови во природа каде што учат за растенија, инсекти и екосистемот.

Како ја комбинирате македонската и шведската култура дома?
Во нашиот дом се зборува исклучиво македонски јазик. Најчесто готвиме македонска храна и ги славиме македонските празници, бидејќи ни е многу важно децата да ја зачуваат врската со своето потекло.

Секако, бидејќи растат во Шведска, дел од шведската култура е природно присутен во нивниот живот. Со задоволство учествуваме во некои од нивните традиции и празници, како Midsommar (најдолгиот ден во годината) или Lucia (се слави на 13 декември, е омилена шведска традиција што симболизира светлина, надеж и топлина во срцето на темната зима.)

Што ви недостасува најмногу од Македонија?
Најмногу ни недостасуваат семејството, пријателите и сонцето. Социјалниот живот во Македонија е многу поспонтaн и потопол. Ни недостигаат оние мали моменти кога некој ќе се јави и ќе каже: „Доле сме пред зграда, симни се на кафе.“
Во Шведска животот е поорганизиран и дружењата најчесто се планираат однапред, најчесто за викендите. Но кога се собираме со пријателите, тие дружби знаат да траат долго – во вистински балкански стил.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива
