Александра од Битола беше на оскаровски викенд во Лос Анџелес: „Ми се исполни детскиот сон“
- Детали
- вторник, 17 март 2026
„Со сопругот Дамјан присуствувавме на самата церемонија, а атмосферата беше неверојатна. Сакав мојот изглед за вечерта да е елегантен, но и малку драматичен, да се вклопи во атмосферата на Холивуд и оскаровскиот викенд“, вели за CRNOBELO.com Александра Огненовска.

Александра Огненовска (33) од Битола живее во Њу Џерси, но оваа година првпат, заедно со сопругот Дамјан, беше во Лос Анџелес на оскаровскиот викенд.
Таа церемонијата на доделувањето на златните статуетки ја гледаше во живо, а беше и на забавата на LA Today.
Но, додека е во Лос Анџелес, таа со сопругот го посети и легендарниот Roosevelt Hotel во Холивуд, каде во 1929 година била одржана првата церемонија на доделување на Оскарите.

За своето искуство поврзано со оскаровскиот викенд, Александра раскажа за CRNOBELO.com:
„Оваа година заедно со мојот сопруг Дамјан имавме можност да бидеме во Лос Анџелес токму за време на оскаровскиот викенд и тоа беше навистина едно посебно искуство за нас.
Како актер и режисер, ова беше за мене остварување на животен сон, а љубовта кон Оскарите ја носам уште од детството.
Од 5-годишна возраст не сум пропуштила ниту една церемонија, па затоа да се најдам во Холивуд токму во тие денови за мене има огромно значење.

Дента пред самата церемонија имав и едно навистина посебно искуство - во Academy Museum of Motion Pictures имав можност одблиску да видам и дури да допрам вистинска статуетка Оскар, која тежи околу 4 килограми.
Тоа беше момент кој дополнително ја направи целата оваа авантура уште пореална и незаборавна за мене.
Заедно со Дамјан присуствувавме и на самата церемонија, а атмосферата беше неверојатна.

Сакав мојот изглед за вечерта да биде елегантен, но и малку драматичен - нешто што би можело да се вклопи во атмосферата на Холивуд и самиот оскаровски викенд.
Креацијата е структурирана како сако-фустан, со минималистичка силуета, која дава елегантен и моќен изглед.
Под сакото носев проѕирен топ украсен со Swarovski кристали, кој додаваше суптилен сјај и гламур, особено под светлата на настанот.

Целиот Холивуд живее во ритамот на Оскарите овој период.
Улиците околу Hollywood Boulevard се блокирани, но организацијата е толку добра што градот функционира речиси сосема нормално.

