Александра Петровска, психолог: „Работам со жени кои се срамат да кажат дека имале спонтан абортус, ја бараат вината во себе“
- Детали
- вторник, 10 март 2026
„Во Македонија, за жал, голем дел жени сè уште се плашат или се срамат да го споделат искуството, па затоа спонтаниот абортус најчесто останува тајна која се чува помеѓу партнерите или најтесното семејство“, вели психологот Александра Петровска за CRNOBELO.com која преку 10 години има искуство од оваа област.

Александра Петровска (34) e лиценциран психолог и европски сертифициран семеен и системски психотерапевт. Таа 10 години работи со жени кои се справуваат со непланирана бременост или репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус), а своето професионално искуство го стекнала во советувалиштето во кое и денес работи како психотерапевт - „И сега што?“
„Моето формално образование, работата со клиенти, како и мојата обука во областа на семејната психотерапија, посетата на одредени семинари, тренинзи и предавања ми помогнаа да се усовршам во пружање психолошка и емоционална помош и поддршка на жените и нивните семејства кои поминуваат низ вакви искуства“, вели Александра за CRNOBELO.com.

Таа во интервју ни откри низ што минуваат жените кои се соочиле со спонтан абортус, болката која (некои од нив) не можат да ја надминат, но и како тоа им влијае на животот, бракот:
Преку советувалиштето „И сега што“, формиравте програма за поддршка на жените со искуство од спонтан абортус. Како се роди идејата за ваква програма?
Идејата за формирање на програмата „Надеж“ низ која поминува групата за поддршка на жените со искуство од спонтан абортус, се роди токму од нашето искуство и разговорите со жени кои се охрабрија да побараат поддршка во нашето советувалиште.
Денес, постојат многу програми, курсеви, семинари кои ги покриваат темите на бременост, мајчинство, родителство, но многу малку или воопшто не се зборува за оваа област од репродуктивната приказна на секоја една жена, а тоа е загубата на бременоста.
Согледувајќи ја оваа потреба одлучивме дека како советувалиште е важно да понудиме една ваква форма на поддршка со цел да ја пресретнеме потребата на секоја една жена со вакво искуство на загуба - а тоа е, во сигурна, безбедна, контролирана средина, водена од стручно лице, да зборува слободно за сите нејзини чувства, мисли, предизвици.
Да биде разбрана, прифатена, а нејзиното искуство уважено, како и воедно да ја добие поддршката од други жени со кои дели слична приказна.
Се надеваме дека жените ќе почувствуваат и искусат дека не се сами и дека имаат поддршка.
Колкаво е вашето лично искуство од оваа област, колкав контакт имате со жени кои имале спонтан абортус и го загубиле плодот?
Ние во моментов нудиме психолошка помош и поддршка на жени кои се справуваат со непланирана бременост, репродуктивна загуба, потешкотии при забременување, постпородилна депресија, поддршка за време на бременост.
Но од пред 4-5 години во нашето советувалиште одеднаш почнаа да се јавуваат или пишуваат жени кои имале искуство на спонтан абортус во блиското минато, или можеби во моментот се бремени, а во минатото имале вакво искуство кое допринело сега да чувствуваат страв или анксиозност за актуелната бременост.
Верувам дека тоа што жените сега полесно имаат достапност до информации за различни ресурси кои им се нудат, а истовремено и подигањето на свеста за ваквите теми во јавноста, допринесува да се охрабрат да побараат помош, бидејќи согледуваат дека навистина имаат потреба некој да ја разбере и уважи нивната болка.
До сега советувањата најчесто се одвиваа индивидуално, но со прогармата „Надеж“ сакаме да ги охрабриме жените да не се кријат зад своето искуство, туку да се чувствуваат слободни да зборуваат за истото, да го споделат со други жени кои делат слична приказна.
Во здружението дека споделената болка е болка поподнослива за носење.

Како, според вашето искуство, жените се справуваат со ова?
Како жената ќе се носи со искуството зависи од повеќе фактори, како на пример: На која возраст е жената... дали се работи за прва бременост или веќе претходеле еден, два или повеќе спонтани абортуси... дали има емоционална поддршка од партнерот, од најблиските, од семејството, од околината...
Во Македонија, за жал, поголем дел од жените сè уште се плашат или се срамат да споделат за нивното искуство, па затоа спонтаниот абортус најчесто останува тајна која се чува помеѓу партнерите или најтесното семејство.
Кај жените со кои работам најчесто постои страв од недоволно разбирање од страна на околината за загубата.
Па се јавуваат прашања: „Ако споделам, дали ќе ме разберат? Сигурно ќе ми кажат ете имаш друго дете, фокусирај се на тоа“.
Или најчесто до нив стигнуваат пораки како „Не се секирај, на сите може да им се случи.“, „Не плачи, ќе се разболеш.“, „Да сте вие живи и здрави, тоа е најбитно...“ и мал милион други вакви пораки, кои прават жената да се чувствува изолирана во својата болка и тага по загубеното, да се чувствува несфатена.
Позитивната промена која ја гледаме во последниот период е ефектот од повременото актуелизирање на темата во јавноста, јавно споделените лични искуства и на социјалните мрежи, што допринесува жените да стигнат до соодветните ресурси за помош и да се охрабрат да побараат поддршка, иако можеби таа поддршка не можат да ја добијат во својата околина.
Дали ако веќе имаат родено дете, полесно го прифаќаат фактот дека го загубиле плодот, или исто е без разлика дали станува збор за прво или второ, дури и трето дете?
Загубата на дете не е само загуба на бременоста, туку и загуба на желбите на жената, соништата, плановите, замислите за сегашноста и иднината.
Кога една мајка што веќе успеала еднаш да се реализира себеси како родител ќе загуби втора или трета бременост, не станува збор само за загуба на тоа второ дете, туку загуба на сонот „да имам две деца, три деца“, „да имам момче и девојче“, „моето дете да има братче или сестриче“...
Да, некои жени понекогаш успеваат да најдат утеха во тоа дека веќе имаат родено дете, и се трудат мислите да ги фокусираат на грижата за истото, но сепак многу често зборовите од средината дека треба да бидат благодарни што имаат веќе едно дете, може да ги повредат бидејќи за нив и таа бременост била важна и имала свое значење.

