Александра Петровска, психолог: „Работам со жени кои се срамат да кажат дека имале спонтан абортус, ја бараат вината во себе“
Колку се Македонките подготвени за искрен разговор на темава? Дали се зборува јавно за психичките последици што ги носи загубата на плодот, или сме научени да ги „ставаме чувствата под тепих“ и да се премолчува темата?
Како што напоменав, кај нас ретко се зборува отворено за оваа тема и мислам дека силен удел во тоа има стравот од тоа: „Како ќе реагираат другите? Што ќе мислат? Што ќе кажат? Како ќе ме гледаат? Не сакам да ме сожалуваат...“
Во последно време забележуваме мали промени, полека жените се охрабруваат и јавно да зборуваат за истата.
Лично сметам дека и општо, како народ, ние сме луѓе кои не се многу слободни во споделување и изразување на чувствата, и како ќе растеме и колективно во таа област, верувам дека и ваквите теми сè почесто ќе излегуваат на површина во јавноста.
Како, според вас, се справуваат со траумата жените кои не бараат помош, советување?
Жените кои не бараат емоционална поддршка, а имаат потреба од истата, особено ако немаат соодветна поддршка од нивната средина, најчесто се повлекуваат, изолираат - што подоцна може да води кон други психолошки состојби како депресија, анксиозност, но појава на некои психосоматски симптоми преку кои телото упатува апел за помош, како на пример: проблеми со желудник, главоболки, вртоглавици, стегање во градите и слично.
Исто така, некои жени со цел да си помогнат да поминат побрзо преку искуството се впуштаат во нешто што ќе им служи како дистракција од искуството, па имаат потреба да се окупираат постојано со некакви активности.
Сепак, секоја жена се справува со загубата на свој уникатен начин и во ред е доколку и не побараат помош и советување, но она што е важно начинот на кој се справуваат да не биде деструктивен за нивното ментално и физичко здравје, како и деструктивен за нивните партнерски, семејни и социјални односи.

Дали сте сретнале случаи во кои жената не може да се помири со загубата на плодот иако се поминати години и години од тоа?
Во мојата пракса како терапевт сум среќавала повозрасни жени кои заради друг проблем ќе побараат поддршка и советување, но кога ќе тргнеме да работиме на нивниот проблем, на површината ќе излезе и некое вакво искуство кое влијаело на многу други случувања во нивниот живот, а тие не биле свесни за истото.
Сметам дека секоја жена која не си дала на себеси простор и време да ги обработи чувствата и емоциите поврзани со загубата, да оджалува по истата, се бори со неприфаќање на она што се случило, особено ако длабоко во себе верува дека загубата се случила по нејзина вина и дека таа допринела со нешто за да дојде до загуба на плодот.
За жал, ваквите искуства магично не можат да се избришат од репродуктивната приказна на жената, но работата на истото, дозволата за оджалување и тагување и уважувањето на она што им се случило, може да помогне болката и тагата полесно да се носат, да се прифати загубата и да ѝ се даде ново значење.
Колку се чести спонтаните абортуси кај нас? Во просек, на 10 жени, колку имаат спонтан абортус?
Во моментот имаме застарни статистики од пред неколку години кои покажуваат дека речиси секоја 4та жена поминува низ искуство на спонтан абортус.

Кои се најчестите причини за ова?
За жал не секогаш може лесно да се утврдат причините заради кој настанал спонтаниот абортус, па некогаш немањето одговор на прашањето „Зошто ова ми се случи?“ од аспект на физичкото здравје, може да допринесе жената уште потешко да го прифати ваквото искуство.
Но, основната причина за околу половина од случаите вклучува хромозомски абнормалности кај бебето.
Исто така, други фактори кои можат да влијаат да дојде до спонтан абортус се инфекција, хормонални промени, абнормалности на матката, некомпетентно грло на матката, изложеност на опасни места за престој или работа, начин на живот што вклучува пушење, пиење алкохол или користење дроги, пореметување на имунолошкиот систем, вродени срцеви мани, неконтролиран дијабетес, заболување на бубрези, болест на тироидната жлезда, зрачење, стрес, консумирање одредени лекови…
И возраста игра улога, па на поголем ризик од спонтан абортус се изложени повозрасните родилки.
Дали жената се обвинува самата што го загубила плодот? Што треба вие или блиските да направат во тој случај?
Чувството на вина е едно од чувствата кои најчесто можат да се јават кај жената по загубата на плодот.
Речиси секоја втора жена со која сум работела се бори со ова чувство.
Вината е поврзана со мислата дека направила нешто погрешно што допринело да се случи загубата или дека нејзиното тело ја изневерило.
Како терапевт, најчесто во ваквите ситуации, се обидувам да ѝ помогнам на жената да увиди од каде доаѓа тоа чувство на вина.
Дали е тоа нејзин внатрешен глас или глас на партнерот, семејството, средината? Кој најмногу добива или губи ако таа се обвинува? До кога треба да се обвинува за да ја „плати казната“ за она што го направила?
Низ разговорите најчесто ја водиме жената кон тоа да си прости на себеси и да го трансформира своето верување од „Јас сум виновна“ кон „Јас го направив најдоброто што знаев и можев“.
Она што партнерот, семејството или пријателите можат да го направат е да ѝ дозволат на жената да ги чувствува и пушти сите чувства и емоции.
Да не ја сопираат да плаче, ако има потреба да плаче или да зборува за она што го чувствува или доживува.
Да ѝ бидат поддршка со нивното присуство, а истовремено да бидат спремни да прашаат: „Како можам да ти помогнам? Што е тоа што можам да го направам за тебе?“, наместо да брзаат со утешителни зборови и давање совети.

А што е со обратната ситуација - кога семејството ја обвинува жената што го загубила бебето наместо да ѝ биде поддршка? Се сретнувате ли со вакви случаи? Како реагирате тогаш?
Во мојата досегашна пракса не сум имала ваква ситуација каде што жената ќе биде директно обвинета за она што се случило, но верувам дека има и такви приказни.
Она што почесто го среќавам е молк од страна на партнерот или семејните членови доколку се сподели веста за загубата.
Понекогаш тишината, одбегнувањето, игнорирањето на она што се случило, што заради незнаење како да се постапи, што да се каже или заради минимизирање на она што се случило, може да боли многу повеќе од тоа некој да ја обвини жената за загубата.
Тогаш барем жената има можност да се брани.
Што би им советувале на семејствата кои поминуваат низ ваков период - како останатите членови од фамилијата да ѝ помогнат на мајката, на која, ѝ е најверојатно најтешко по загубата?
Бидете тука за жената. Информирајте се што значи емоционално жената да поминува низ едно вакво искуство. Не брзајте со совети. Слушајте ја.
Дозволете ѝ да ги чувствува емоциите, не ја запирајте. Прашајте ја што ѝ е потребно, како можете да ѝ помогнете. Не брзајте со делење совети и брзи решенија.
Едноставно бидете само тука, бидете нејзина поддршка. Доколку гледате дека не успева да се носи со она низ кое што поминува, охрабрете ја да побара соодветна и стручна помош и поддршка.
Секогаш давајте ѝ до знаење дека не е сама во ова, дека сте секогаш тука за неа. Секако, доколку ова го ветите, не заборавајте и да го исполните.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Freepik.com
