Александра Димитровска, брачен советник: „Некогаш терапија го спасува бракот, а некогаш помага достоинствено да се разделат“
Дали доаѓаат на време или кога е веќе доцна да се спаси бракот?
Најчесто доаѓаат кога се веќе уморни. Кога едниот размислува дали може вака понатака, другиот дури тогаш сфаќа колку е сериозна ситуацијата.
Претходно сами се обидуваат да ги решат проблемите - разговараат, молчат, се расправаат, се повлекуваат, ветуваат промени - користат сè што им е достапно од сопствените ресурси.
Ретко кога е предоцна во апсолутна смисла. Понекогаш терапијата го спасува бракот. Понекогаш им помага достоинствено да се разделат.
Во двата случаи, целта не е по секоја цена да се зачува врската, туку да се врати јасноста и почитта - кон себе и кон другиот.
Имам видено парови кои доаѓаат на работ на разделба и откриваат дека под гневот сè уште има грижа и имам видено парови кои одлучуваат да се разделат, но го прават тоа достоинствено, без омраза.
Терапијата не е гаранција дека бракот ќе опстане, но е простор каде односот конечно добива вистински разговор.

Кој е поотворен за разговор и споделување на интимата - мажите или жените (барем на почетокот додека да се создаде доверба меѓу вас и нив)?
На почетокот жените се поотворени. Тие полесно зборуваат за емоциите, блискоста и тоа што им недостасува во односот.
Мажите почнуваат воздржано, често ја мерат безбедноста на просторот.
Кога ќе се создаде доверба и ќе почувствуваат дека не се обвинети, туку слушнати и разбрани, дека се придружени (иако сум женски терапевт) знаат длабоко да се отворат и нивната искреност да биде изненадувачки интензивна: за нивните стравови, желби, интимност и секс - нешто што долго време можеби го чувале за себе.
Имало момент кога маж кој цело време бил воздржан ќе каже нешто многу силно како „Се плашам дека ќе ја изгубам“ и тогаш динамиката во просторијата се менува.

Дали кога разговарате со брачен пар или луѓе во врска, кои имаат спротивни ставови/видувања за иста ситуација, успевате да препознаете кој од нив ја извртува приказната? Или тоа воопшто не е важно при комуникацијата?
Искрено, во партнерската терапија не барам кој е во право (тоа е работа на правниците).
Она што ме интересира е што значи таа приказна за секој од нив.
Дури и кога двајцата гледаат на иста работа сосема различно, тоа не значи дека некој лаже - тоа е нивна субјективна реалност.
Мојата улога е да им помогнам да се слушнат еден со друг и да ја разберат динамиката што го држи нивниот конфликт.
Кога тоа ќе се случи, самиот проблем станува поразбирлив и управлив.
Кога партнерот ќе каже: „Никогаш не си тука за мене“, тоа не е фактичко прашање, тоа е емотивен повик.

Дали им е полесно на Македонците да се отворат кога зборуваат сами со вас или кога се во пар? И дали пробуваат да скријат од партнерот работи кога се заедно на сесија, а претходно ви ги кажале вам?
Дефинитивно полесно се отвораат кога се сами.
Тогаш нема страв дека ќе повредат или ќе бидат обвинети, па можат да бидат поотворени за емоции, стравови и други интимни теми.
Многу често почнуваат со партнерска терапија, па бараат индивидуално да се сработи некој личен предизвик.
И да, често се случува да премолчат нешто кога се заедно на сесија што претходно ми го споделиле индивидуално.
Тоа е разбирливо - сакаат да се заштитат или да избегнат конфликт.
Но вистинската работа се случува кога се работи заедно. Кога ќе научат да ја носат таа ранливост и пред партнерот, кога ќе се осмелат да споделат нешто што ги плашело.
Терапијата е токму тој простор каде што може да се вежба автентично слушање и разбирање, без да се изгуби блискоста или довербата.

Ако работите само со едниот брачен другар и побарате да дојде и другиот за нивно „соочување“, искрен разговор и слично - колку често наидувате на отпор од другата страна? И зошто мислите дека тој отпор постои?
Отпорот е многу чест, истовремено и човечки и многу природен. Кога се повикува партнерот во сесија, често постои страв од осуда, повреда или изложување на ранливост.
Луѓето сакаат да се заштитат, не затоа што не им е гајле за партнерот, туку затоа што се плашат што ќе излезе на површина.
Некои доаѓаат со скрстени раце и знаат да кажат: „Јас не верувам во ова, но сум тука затоа што таа сака“.
Отпорот често се топи кога ќе почувствуваат дека просторот не е против нив. Отпорот не го гледам како пречка. Го гледам како заштита.

Дали уште важи кај нас она: Немој некој да ме дознае дека одам на психолог, советување, психијатар?
Можеби сè уште постои одредена стигма, особено кај повозрасните генерации.
Но факт е дека помладите генерации многу поотворено се впуштаат на ваков чекор и гледаат на партнерската терапија како на личен раст, а не на немоќ и неуспех.
Многу често гледам повозрасни парови кои доаѓаат на партнерска терапија на иницијатива од нивните деца кои гледаат на тоа како на нешто неопходно.
Честопати тие што најмногу се плашеле за мислењето на другите, подоцна стануваат најголеми поддржувачи на терапијата и ја препорачуваат на пријателите.
Јасно е дека кога односот станува приоритет, стравот од осуда исчезнува.
Наспроти овој пример имав и млад брачен пар кој дојде на терапија по сугестија на нивните родители.
Луѓето се плашат што ќе речат другите, но често вистинската бариера е сопствениот страв и срам - потешко е да се охрабрат сами да седнат во терапевтското столче отколку што мислат дека другите ќе ги осудат.
Не знаат што да очекуваат или што може да излезе на површина.
Кога ќе го направат тој прв чекор, ќе се соочат со себе и ќе се осмелат да зборуваат, најчесто откриваат дека стравот бил неоснован.
Тоа е првиот момент на слобода и почеток на промена.

