Александра Димитровска, брачен советник: „Некогаш терапија го спасува бракот, а некогаш помага достоинствено да се разделат“
Се случуваат ли жолчни расправии во вашата ординација? Како ја смирувате ситуацијата тогаш?
Да се случуваат. Многу често терапевтскиот простор станува мал семеен систем во живо - со активирани улоги, коалиции и добро познати комуникациски обрасци.
Кога ќе почне „жолчната расправија“, јас всушност гледам репетиција на нивниот циклус, повторувачка секвенца: кој напаѓа, кој се брани, кој се повлекува.
Наместо да ја прекинам енергијата, ја именувам динамиката: „Еве го вашиот добро увежбан танц“.
Знаат да се препознаат и тоа често носи и насмевка.
Имало моменти кога парадоксално сум излегувала од просторијата и сум ги оставала да се „докараат“ и расправијата престанува и не им е јасно што се случува.
Кога конфликтот се структурира, престанува да е хаотичен. Со системски речник, не гасам пожар, туку ја истражувам функцијата на пожарот во тој однос.
Кога ќе се увиди дека расправијата е обид за блискост, само на погрешен начин, интензитетот природно се намалува.
Хуморот и свесноста често прават повеќе од каква било опомена.

А сте имале ли ситуација во која сте свесна дека не постои можност за помирување... Што тогаш? Дали искрено им кажувате дека „нема спас“ или ќе направите сè, по секоја цена да се потрудите да им го спасите бракот, одејќи и против сопствениот здрав разум?
Имало ситуации кога станува јасно дека партнерскиот систем е исцрпен и дека повеќе нема енергија за релациска реконструкција.
Но, мојата улога не е по секоја цена да спасам врска или да ги разделам, туку да ја проценам одржливоста на релацијата: дали постои барем минимална подготвеност кај двајцата да преземат одговорност за својот дел.
Ако дојдат до увид дека нема таква подготвеност, терапијата се трансформира од обид за помирување до процес за достоинствено разделување.
Не користам формулација „нема спас“. Тоа не е терапевтска позиција.
Но и одењето против сопствениот професионален интегритет, само за да се зачува формата на бракот, не е помош.
Понекогаш најздравиот исход не е повторно спојување, туку јасност, затворање на циклусот и почит кон заедничката историја.

На која возраст е најстариот пар кој дошол на советување кај вас, а колкав е најмладиот?
Најмладиот пар бил во рани дваесетти години, 23-24, млади, заљубени, кои штотуку учат како да бидат во врска, а веќе сакаат да го направат односот здрав и свесен.
Најстариот пар бил во доцни шеесетти години, 67-68 години - луѓе со децении заеднички живот зад себе, кои се изгубиле некаде низ предизвиците на живеењето, па сакаат повторно да ја почувствуваат блискоста и да ја обноват комуникацијата.
Возраста не е пречка - потребата за разбирање и поврзување е универзална, без разлика на години.

Според вашето искуство, дали е поголем бројот на оние кои по брачно советување наоѓаат решение на своите проблеми или на оние кои решаваат да стават крај на бракот?
Па би рекла дека повеќе има трансформации отколку откажувања. Но, трансформацијата не секогаш значи останување заедно.
Понекогаш значи подобар однос. Понекогаш значи достоинствено разделување, каде што двајцата учат нешто за себе што ќе го носат во следната врска.
Паровите доаѓаат со желба да разберат - и себе, и другиот и односот.
Во крајна линија, успехот не е останување по секоја цена, туку тоа што луѓето се ослободуваат од повторувачки обрасци, длабоко се разбираат и учат како да ја носат својата љубов понатаму - без разлика дали е тоа заедно или одвоено.

Кој е позаинтерсиран да се реши проблемот - мажот или жената?
На прв поглед изгледа дека жената е „позаинтересирана“, затоа што најчесто таа прва иницира, се јавува, закажува термин.
Но тоа не значи дека ѝ е повеќе грижа.
Во пракса многу често гледам нешто друго: жената бара разговор, мажот бара мир.
Таа сака да се зборува за проблемот, тој сака да престане тензијата.
И двајцата сакаат врската да успее, само на различен јазик.
Мажите често доаѓаат на прва сесија со став „јас сум тука заради неа“, но по неколку средби кога не треба да се бранат и никој не ги осудува, покажуваат поголема подготвеност за промена.
И не гледам на тоа кој повеќе сака да се реши проблемот, гледам кој како го покажува тоа.

Дали е табу тема партнерската терапија меѓу пријателите? Дали паровите отворено зборуваат со блиските ако одат на советување?
Ми се чини дека повеќе им е срам не од самото советување, туку од признанието дека не им оди.
Во нашата култура уште живее идејата дека ако имаш проблем во бракот, тоа е неуспех.
Но дефинитивно има промени кај помладите генерации, честопати едни повлекуваат други.
Нивното споделување во кругот често добива повратно од друг пар „и ние размислуваме“.
Терапијата полека престанува да биде тајна. Нешто како сервис за односот - не затоа што нешто е скршено, туку затоа што сакате да го одржувате здраво.

„Нешто како поента“:
Љубовта не пропаѓа одеднаш. Таа полека се замолчува.
Престануваме да прашуваме, престануваме да слушаме, престануваме да се гледаме навистина.
Терапијата не е место каде што магично се спасуваат бракови.
Тоа е место каде што луѓето се осмелуваат повторно да зборуваат - искрено, ранливо, без маски.
Да побараш помош не значи дека врската пропаднала - значи дека ти е доволно важна за да не ја оставиш да се изгуби во тишина.
Најголема храброст не е да останеш по секоја цена, туку да се соочиш искрено со себе и со другиот. А токму таму почнува вистинската блискост.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
