Д-р Маја С. Чрчева, радиолог: „На ехо ги гледаме и најсуптилните промени на дојката, веднаш се знае дали е сомнително“
- Детали
- вторник, 07 април 2026
„Мамографијата не е штетна за жени кои немаат родено. Тоа е чест мит кој создава непотребна загриженост. Но, кај помлади жени, дојката е погуста и ултразвукот дава подобра информација и затоа мамографија не е прв избор во 20-тите и раните 30-тите години“, вели д-р Маја Стојановиќ Чрчева, радиолог со 15 години искуство во областа.

Маја Стојановиќ Чрчева (44) од Скопје e доктор специјалист по радиодијагностика во ПЗУ Центар за дојка, а како радиолог за дојка работи веќе 15 години.
Но, покрај специјалист за својата сфера, таа е и доктор кој точно знае како да пристапи кон пациентите, да ги охрабри, утеши и да направи да се чувствуваат разбрано.
Вели дека најмладата пациентка на која ѝ дијагностицирала рак била во раните 20-ти и целото семејство било присутно со неа, како и дека има и пациентки кои доаѓаат кај неа на преглед и по 30 години од завршувањето на нивното лекување од рак.
Исто така, ги фали Македонките кои се сè поодговорни за своето здравје и одат на редовни, превентивни прегледи на дојките.
Д-р Маја Стојановиќ Чрчева споделува детали од својата професија за CRNOBELO.com:
Доаѓа кај вас пациентка која напипала грутка на градата и е преплашена дали нешто не е во ред... За колку време таа ќе добие одговор на тоа што ја мачи?
Кога пациентка ќе напипа грутка во градата, прво ѝ велам дека дошла на вистинското место и дека нема место за паника, иако тоа е природна реакција, но во најголем број случаи, тоа што го напипала не е рак.
Повеќето промени во градите се бенигни и поврзани со хормони, цисти или други безопасни состојби. Сепак, секоја нова или упорна промена треба да се провери.
Првиот чекор треба да е клинички преглед кај лекар и веќе на самиот преглед ќе ја добиеме првата проценка дали промената изгледа сомнително или не.
Потоа, ако е потребно, се прави ехо на гради или мамографија.
Овие испитувања, кај нас, во Центар за дојка, се организираат веднаш. А, резултатите од нив пациентката ги добива, веднаш по прегледот.
Ако има потреба од дополнителна анализа, како биопсија, тогаш конечниот одговор може да потрае неколку дена повеќе.
Тоа е релативно краток период, иако разбирливо е да изгледа долго кога постои страв.
За мене како лекар е многу важно е пациентката да знае дека не е сама во овој процес. Доколку нешто не ѝ е јасно, секогаш сме на располагање за дополнително објаснување.
Најважно е да се реагира навреме, но смирено. Во најголем број случаи исходот е добар, а неизвесноста се разрешува релативно брзо.

Која е најмладата пациентка на која ѝ имате дијагностицирано рак на дојка?
Пациентката беше девојка во раните дваесетти години, која дојде на преглед откако напипала грутка во градата.
Со неа во ординација дојде и целото семејство, загрижени, тивки, но силно присутни.
Во вакви моменти, не доаѓа само пациентот, туку и стравот и неизвесноста на сите блиски. Кога постои сомневање за посериозна дијагноза, товарот го носи целото семејство, па дури и пријателите.
Затоа пристапот мора да биде професионален, човечки, приземен и смирен. Довербата во лекарот тука игра клучна улога, комуникацијата мора да е исклучително професионална.
Многу сме свесни дека соопштувањето на непосакувана дијагноза не е лесно ниту за лекарот.
Важно е пациентката да се чувствува слушната и разбрана. Исто толку важно е и семејството да добие јасни и искрени информации.
Во такви ситуации, медицината не е само дијагноза, туку и поддршка.

Имате пациентки и со по 20 и 30 години од дијагнозата рак на дојка кои доаѓаат кај вас... Кај која пациентка имаат изминато најмногу години од дијагнозата?
Пациентките се враќаат кај нас за редовни контроли, и за време на лекувањето, но и по неговото завршување. Тоа е долг процес на следење, поддршка и градење доверба.
Имаме пациентки кои доаѓаат на контроли и повеќе од 30 години по завршеното лекување. Тоа се средби кои имаат посебна тежина и значење, и за нив, и за нас како лекари.
Не станува збор само за медицинска контрола, туку и за чувство на сигурност и континуитет. Во тие години се гради однос кој оди подалеку од класичен лекар–пациент контакт.
Особено нè радува кога гледаме дека таа доверба се пренесува и на следната генерација. Многу од тие пациентки денес доаѓаат со своите ќерки на преглед во Центар за дојка.
Тоа е силна порака за важноста на превенцијата и раното откривање. И воедно потврда дека довербата која се гради со години има вистинска вредност.
За нас, тоа е еден од најубавите аспекти на работата, да бидеме дел од нивната приказна, не само во тежок момент, туку и низ годините што следат.

Што учите од нив секојдневно?
Многу убаво прашање, благодарна сум за тоа. Од пациентките учам секојдневно, и тоа не само за медицината, туку и за животот.
Од секој човек, а особено од жена која и во овој современ свет го носи бремето на семејството, раѓањето и подигање на децата, без разлика на образование или потекло, може да се научат многу важни работи за човечката сила и неговите вистински вредности.
Кај нас, најголемиот број од жените се всушност здрави жени. Жени кои се сакаат себеси и водат сметка за своето здравје.
Тоа е нивната дисциплина која заслужува почит и восхит, оти прегледот не го обременуваат со страв.
Тоа не е момент кога „ќе се најде нешто“, туку дел од здравствената хигиена. Тоа е грижа за себе, а тоа зборува за силни, образовани жени кои се сакаат себеси.
Кај нив негирањето не е стратегија, туку информираноста им дава чувство на контрола. Колку повеќе знаете, толку посмирено и поодговорно носите одлуки.
Од нив учам да одам чекор по чекор. Тоа се лекции што не се учат од книги, туку од луѓе.

Дали радиолог може да ги забележи и најминималните промени?
Да, искусен и посветен радиолог може да забележи и многу суптилни, минимални промени во ткивото на дојката.
Современите дијагностички методи ни овозможуваат откривање на промени кои се многу мали и често без симптоми.
Радиологот ја анализира структурата, формата, густината и однесувањето на промената.
Исто така, секоја дојка е различна, и постојат нормални варијации кои не се болест. Затоа искуството и вниманието на деталите се клучни.