Интервју со Отец Бобан Митевски: „Ненамерното омрсување не го нарушува постот, нема верник без одење во црква“
- Детали
- вторник, 07 април 2026
„Денешниот човек се осамува, свртува кон себеси. Нема место за другиот. Затоа е многу важно семејството, бракот меѓу еден маж и една жена, да опстои како концепт“, вели Отец Бобан Митевски за CRNOBELO.com и открива дали Македонците се верници, а зборува и за велигденските пости.

Отец Бобан Митевски (43) е православен свештеник од Скопје, кој повеќе од 15 години со љубов ја работи својата професија, а среќен е што сè поголем е бројот на млади кои се верници.
Тој својата мисла ја споделува и преку неговиот подкаст „Смисла“.
За одењето во црква за велигденските пости и за неопходноста да го сочуваме бракот, Отец Бобан Митевски споделува за CRNOBELO.com:
Кој е најубавиот момент што сте го доживеале како свештеник?
Имало многу, но би издвоил дека најубавото е кога ќе го видам храмот полн со верен народ, особено ме трогнува кога ќе го видам долгиот ред со воцрковени луѓе што пристапуваат кон светата Причест.
Неколкупати сум се растреперил до солзи и при исповедта на некои од верниците – и поради животниот крст што го понеле, и поради смирението со кое го носат, но и поради покајанието што го искажуваат.
Не можам да ги заборавам и оние ревносни верници, коишто ќе ги сретнам на клупите околу црквата, кога веќе вратите се заклучени, а тие читаат некоја молитва, акатист, некоја поучна книга.
Дефинитивно, најубавиот момент е и кога ќе се види покајанието кај некој човек, дека се променил и дека здобива Христов идентитет.
Кое е најнеобичното прашање што сте го добиле од верник?
Низ ова речиси 15-годишно делување како свештеник, сум се сретнал со различни ситуации, а сето тоа значело и стекнување на искуство.
Имало најразлични предизвици. Верниците честопати прашуваат, се интересираат, сакаат да знаат повеќе за верата.
Најнеобични прашања со кои сум се соочувал биле тие што произлегуваат од суеверието, поврзани со венчавки, опела, помени, крштевки, празнувања. На пример: дали треба постарата сестра да присуствува на црковната венчавка на својата помала сестра, која се мажи пред неа? Суеверието е дека ако биде присутна нема да се омажи, зашто помалата некако ѝ го зела редот.
Но, можеби најнеобичното прашање што ми било поставено, дојде од едно дете, основец, кој ми рече: „Отец, ако можеш да се вратиш во времето, дали повторно би избрал да бидеш свештеник?“
За момент прашањето ме замисли, знаејќи ја одговорноста на свештенството. Сепак, познанието дека послужуваме на Бога и за Неговиот народ, ме исполни со поттик.

Дали младите денес се верници?
Слава на Бога, се забележува еден тренд на сѐ поголемо присуство на млади во Црквата, но тоа што радоста ја прави поголема е што тие се интересираат за посветен светотаински живот во Црквата.
Соочени со предизвиците на секојдневието, со потрагата по одговорите на егзистенцијалните прашања, со неправдите и невистините, но и со радосните моменти и благословите, младиот човек ја бара суштината на животот, целта на постоењето – и единствено може да ја најде таму каде што е вистината, при Христа, во Неговата Црква.
Како да се сочува семејството во современото општество?
Сопружниците треба да снисходат еден пред друг, својот однос да го градат низ категоријата „ние“, а не „јас“. Треба да се сфати дека нема место за суета и дека треба да се учествува во тежината на другиот.
Пресудни се довербата и дијалогот. Најважно е она што еден отец на современата Црква го вели за љубовта: „тоа не е да ти дадам нешто свое и да земам нешто твое, туку да ти се дадам целиот и да те земам целата“.
Современието е лукаво и бесчувствително. Да, прогресот на многу полиња е очигледен, и тоа е добро ако добро се ползува.
Но, денешниот човек, ограничувајќи се преку целосното предавање на техничките можности, се заробува, осамува, свртува кон себеси. Нема место за другиот.
Затоа е многу важно семејството, бракот меѓу еден маж и една жена, да опстои како концепт, како начин на постоење. Семејството е суштата противтежа на пренагласениот индивидуализам.
Секако, семејство во кое односите ќе се градат преку жртва и љубовен пристап.
Дали некогаш некој ви се пожалил за љубовен проблем?
Иако многу различни состојби или ситуации може да се сфатат како љубовен проблем, секако, имало и таква реалност. Но, и тие главно произлегуваат од контекстот на пошироката слика, односно се поврзуваат со духовната состојба.
На пример, некои говореле за отсуството на дијалог во врската, други за недоволната зрелост на еден од партнерите, трети за неможноста да одлучат дали треба да се биде и понатаму заедно...
Разложувајќи ги овие ситуации низ разговорот, излегле на површина и духовните состојби.
Што мислите за социјалните мрежи – можат ли да бидат алатка за ширење вера?
Секако, но не треба да дозволиме да станат примарен простор за проповед. Треба да се средство кое ќе доведува до оној природен духовен простор, а тоа е литургискиот.
Всушност, амвонот во храмот е местото од каде што се произнесува словото за верата, а Литургијата е најподобниот и најсовршениот медиум.
Социјалните мрежи треба да се алатка којашто ќе ја контролираме и употребуваме, не да биде обратно.

Што ве инспирираше да започнете со снимање подкаст и која порака сакате најмногу да допре до слушателите? Како реагираа колегите?
Идејата за подкаст одамна се крчкаше. Некогаш треба да се остави на времето, пред да се донесе одлука.
Можеби поттикот од продукцијата со која го работиме беше најпресудниот за да почнеме, ако јас се прашував, веројатно уште ќе се мислев. И тоа е за мене разбирливо, зашто подразбира одговорност, и за кажаното и за понуденото.
Подкастот „Смисла“ би го дефинирал како некомерцијален, не е идејата да се нуди забава, која најчесто произлегува од тоа што добар дел од нашата јавност го сака – да гледа во туѓиот простор, и материјален и личносен.
„Смисла“ низ разговорите трага по смислата на темите коишто се предизвик и што сака да си ги одговори современиот човек.
„Смисла“ е подкаст кој преку длабоки разговори со гостите истражува прашања за животот, општеството, духовноста и личниот развој, со цел да поттикне размислување и разбирање на смислата на човечкото постоење.
Од неколкумина од колегите, коишто се отворени за дијалог, храбри да се обратат директно, социјално инклузивни, добив позитивни коментари и поддршка, со конструктивни и објективни забелешки за тоа што недостига или треба да се менува, надградува, да се додаде.
Дали имате омилен светител и зошто?
Духовното искуство создава и таква ситуација – низ секојдневниот животен подвиг да се поврземе со некој од светителите.
И таа конекција е преку молитвата, преку сообразувањето, преку идентификувањето со личноста или животот на светителот.
Не можам да одделам еден светител, кој ми е, како што велите, омилен, јас ќе речам дека ги имам повеќемина со кои имам сооднос, како на пример свети Николај Чудотворец, свети Нектариј Егински, свети Јоаникиј Ракотински, свети Јаков Цаликис и, секако, пред сите – Мајката Божја, Богородица.
На прашањето Зошто? – веројатно затоа што сум се идентификувал со животот на овие светињи, барем во некој сегмент, и ми биле инспирација.
