Интервју со Отец Бобан Митевски: „Ненамерното омрсување не го нарушува постот, нема верник без одење во црква“

Како реагирате кога некој ќе ви каже „Јас сум верник, ама не одам во црква“?
Едноставно ја кажувам вистината – дека нема вера и верник, без Црква.
Проблемот се јавува зашто одредени “верници“, бивајќи веројатно разочарани или недоволно упатени, ја сфаќаат Црквата едноставно како институција, не како Тело Христово, во кое сите ние пооделно сме делови, како што учи апостолот Павле.
„Да не одиш во црква“, значи свесно да се отсечеш од тој богочовечки организам, да се одделиш од заедницата и да ја сведеш верата на индивидуализам, на приватна работа.
Самиот Господ Исус Христос рече: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас помеѓу нив“. А „двајца или тројца“ што е – ако не Црква!?
Свесен сум дека ние црковните со своите постапки придонесуваме за прифаќање на благословениот пат кон Христа, или, во други случаи, создаваме искривена слика и ги одбиваме луѓето, предизвикувајќи погрешен впечаток. Но, тоа сме ние луѓето што грешиме, не греши Црквата, бидејќи таа е возглавена од Христос.
Но, човек и да греши, ако има покајание, треба да има и простување, ако нема покајание – треба да се молиме да се покае. Таков е христијанскиот пристап.
Дали поповите имаат трема пред големи празници?
Да, се случува, колку и да се има искуство или навика, сепак и свештениците се луѓе. Верувам дека позитивната трема е показател на чувство за одговорност.
Што е најголемиот предизвик да се биде свештеник во Македонија?
Предизвик е да се служи на народот Божји, но истовремено е чест и сатисфакција. Свештенството подразбира голема одговорност – повикани сме да бидеме Христови слуги, да бидеме и пример за верниците, да бидеме проповедници на евангелското спасително слово.
Денес нагласен предизвик е тоа да ги упатуваме луѓето кон верата и живеењето според неа, да ги учиме да живеат светотаински живот, низ пост, исповед, Литургија, молитва, низ духовна борба.
Во ова време предизвик е да соучествуваш во страдањето и искушенијата на браќата и сестрите во Христа, да им понудиш слово утешително, да им отвориш перспектива во надежта и верата.
Но не предизвик разбран како тешкотија, туку како мотив. Зашто ако слободоволно сум избрал да бидам свештеник, знам што сум бирал – дека свештенството не е работа, не е дејност, туку е постоење, начин на живот.
Што е поважно за време на Велигденските пости – храната или духовната промена?
Постот подразбира воздржание. Одбегнувањето од конкретен вид на храна е дел од процесот и треба да ја насочува нашата волја кон избор на полезното за нас, избегнувајќи го тоа што не соодветствува на нашето богообразно достоинство, што нè оддалечува од Бога.
Затоа, постот подразбира и менување, би рекле – движење кон совршената проекција од нас, односно кон наше обожување по благодат.
Намерно користам теолошки термини, за да зборуваме со јазикот на Евангелието и преданието на верата.
Поедноставно – постот како аскетска вежба, како подвиг, значи откажување, што ни помага да се откажеме кога пред нашиот избор ќе се исправи нешто привлечно, но духовно погубно.

Зошто постите траат 40 дена и што симболизира тоа? Дали има смисла да се пости ако човек не се моли и не простува? Кој е најчестиот духовен пад за време на постите?
Бројот 40 има многу силна симболика во христијанството и се смета за број на испитување, духовна подготовка, покајание и преобразба. Христос постеше 40 дена, Мојсеј постеше 40 дена, избраниот народ луташе низ пустината 40 години, итн.
Постиме 40 дена, од една страна поддржувајќи го Христос во Неговиот подвиг, од друга страна надевајќи се на духовните придобивки стекнати низ благословената совршена мерка.
Постот нема смисла без другите духовни апсекти, инаку би станал цел само по себе. Значи постот, како што вели еден црковен светител, е едното крило, кое заедно со другото – молитвата, нè крева кон небесните висини.
Ако постот е подвиг на откажување, на послушание и на воздржание, тогаш тој треба да вроди со делотворност – со плодови на молитва, милосрдие, покајание и простување.
Би сакал да посочам дека ненамерното нарушување на постот (омрсувањето) не го нарушува истиот.
Честопати се случува недоволно искусните верници да го прекинат постот зашто ненамерно се омрсиле. Некој колега, некој ближен подал нешто мрсно, почастил и ние сме земале и вкусиле од дарот на уважувањето, а постиме.
Постот е вежба, при вежбање се учи, се греши и се поправа. Затоа, не го прекинуваме постот ако, како неискусни, сме го нарушиле.
Како би ги мотивирале младите да ги доживеат постите како нешто повеќе од „диета“?
Нудејќи им ја перспективата на совршеното, а тоа е откажувањето. Имено, се усовршуваме, стануваме послободни ако сопствената волја ја предадеме на синхронизација со Божјата волја.
Постот како процес на откажување ни нуди да ги видиме границите на нашите можности, да видиме дека можеме повеќе, да се стекнеме со дисциплина и посветеност, да се заложиме за своето усовршување по мерата што ни ја нуди Бог.
Или, како што кажа свети Јован Златоуст: „Да постиме за да се вратиме во Рајот“. Значи, на младите во постот би им ја понудил реалноста на заедницата со Бога.
Како да се најде вера во време кога луѓето се разочарани? Дали страдањето нè приближува или нè оддалечува од Бог?
Има една прекрасна дефиниција во богословието: „да не се враќаме во минатото, зашто ќе станеме депресивни; да не пребиваме во иднината, зашто може да станеме анксиозни. Ние сме сега и овде“.
Нема место за разочарувањето кај луѓето – зашто сме деца на надежта, деца сме на Воскресението. Видовме преку Христовиот пример дека од Голгота (страдањето) се доаѓа до Воскресението.
Сакаш да воскреснеш, прифати да страдаш. Сакаш да се приближиш на Бога, очисти се низ оган за да светнеш пред лицето на Оној Кој е несоздадена светлина.
Перспективата на личниот крст, доколку се прифати со надеж и доверба во Божјата промисла за нас, станува пат на спасение.
И, никогаш не барај да се симнеш од крстот, барај да истрпиш и издржиш, да се промениш. Од крстот не се симнуваш – те симнуваат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
