Љиља Прентовиќ од Скопје: „Велигденските јајца ги цртам 6-7 часа, за мене тие се мали уметнички дела“
- Детали
- среда, 15 април 2026
„По повод Велигден, создадов серија рачно сликани велигденски јајца, изработени целосно со акрилни бои. Мотивите често се инспирирани од личностите за кои се наменети“, вели талентираната Љиља Прентовиќ од Скопје.

Љиља Прентовиќ од Скопје, позната под уметничкото име Електра, e магистриран сликар, активно се занимава со визуелна уметност и зад себе има реализирано бројни групни изложби во Македонија, на Балканот и пошироко.
Во нејзината уметничка практика ги поврзува сликарството и применетата уметност, со особен акцент на индивидуалниот пристап и личната нарација во секое дело.
Таа за Велигден изработи неверојатни велигденски јајца.

За CRNOBELO.com Љиља споделува:
„По повод Велигден, создадов серија рачно сликани велигденски јајца, изработени целосно со акрилни бои.

Секое јајце го доживувам како уникатен уметнички објект во кој секој детаљ носи сопствена симболика и посебна приказна.

Мотивите ги осмислувам внимателно и често се инспирирани од личностите за кои се наменети, со што делата добиваат персонализиран карактер и вредност како уметнички подарок.

Процесот на изработка на дваесетина јајца трае од шест до седум часа.

Првично јајцата ги бојадисувам и ги оставам темелно да се исушат, по што следува рачно сликање со акрилни бои.

Овој медиум овозможува добра покривност и стабилност на бојата, а по завршувањето нанесувам заштитен лак кој обезбедува долготрајност и финален визуелен ефект.

Овие велигденски јајца ги доживувам како мали уметнички дела кои ја надминуваат традиционалната функција.

Наместо предмети наменети за краткотрајна употреба, верувам дека тие претставуваат објекти што можат да се зачуваат како траен спомен и уметничка вредност“.

