„Собравме над 1,5 милиони тони отпад низ земјава“ - Македонката Гордана и Австриецот Ханес, творци на Генералка викенд
Каков тип на отпад собирате најмногу? Што фрлаат Македонците најчесто низ природа?
Во однос на тежината: на топ листата се наоѓаат депониите од нелегално одложен градежен отпад или шут (многу често и екстремно токсичен отпад како азбест/азбестни покриви).
Во однос на волуменот: сите пластични производи.
Проблемот е што пластичните производи, особено ќесите се мешаат со земја, лисја и се вплеткуваат во гранките, што го отежнува нивното отстранување.

Како може да ве најдат волонтерите, да се пријават да бидат дел од Генералка викенд?
Најдобрата почетна точка е да ја посетат веб страницата: www.generalka-weekend.com.
Едноставно избираат локација, а потоа општина и таму ќе ги најдат сите локации и точни датуми и време на одржување на акциите, најдоцна 2 недели пред настанот.
Би било одлично доколку луѓето можат да го споделат своето искуство со нас преку Фејсбук или Инстаграм за да инспирираат и други луѓе да се придружат.

Дали треба да понесат нешто самите или вие обезбедувате кеси, ракавици, вода и слично...?
Сите материјали за собирање отпад се веќе доставени од наша страна до општините и секој кој е заинтересиран да се приклучи може да оди во својата општина и да побара ќеси и ракавици.
Ги повикуваме нашите волонтери да си донесат свои шишиња за повеќекратна употреба со вода за време на акцијата.

Кои локации ќе се чистат оваа година? Кои ви се очекувањата по крајот на еко-акцијата?
Не го знаеме сѐ уште точниот број, но врз основа на податоците од минатата година, очекуваме за време на Генералка викенд да бидат исчистени од 400 до 800 локации.
Немаме очекувања, но се надеваме дека никој нема да се повреди за време на акцијата и дека секој што ќе учествува ќе се почувствува среќен и горд на она што го постигнал.

И за крај - што би им препорачале на луѓето во однос на зголемување на свесноста за зачувување на околината и чистотата?
Од срце ги молиме сите граѓани на Македонија, без разлика дали учествуваат во акцијата или не, да ги преиспитаат своите навики за тоа како го одложуваат отпадот секој ден.
Има неколку работи што можеме да ги направиме и ако сите го направиме тоа, проблемот се решава сам по себе.
Прво, никогаш не фрлајте отпад надвор од корпата за отпадоци, без разлика колку е мал.
Второ, ако видите ѓубре расфрлано наоколу и не изгледа опасно, ве молиме соберете го и фрлете го во следната корпа за отпадоци.

Трето, местото пред вашата куќа, тротоарот, малиот зелен парк и ходниците во зградата... се исто така дел од вашиот дом - преземете одговорност и одржувајте ги активно чисти.
Четврто, и тоа може да звучи малку чудно, но е најважно: платете ја вашата сметка за комунални услуги. Услугите на јавните комунални претпријатија се потпираат на нивното финансирање. Многу е едноставно: нема пари, лоша услуга.
Ако сакаме да имаме функционален систем, тогаш секој треба да придонесе, исто така и финансиски.
Ако овие точки се почитуваат и спроведуваат од секој граѓанин, тогаш владата на Словенија ќе испрати делегација во Македонија за да научи од нас како да ја одржуваме земјата чиста.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело