„Собравме над 1,5 милиони тони отпад низ земјава“ - Македонката Гордана и Австриецот Ханес, творци на Генералка викенд
- Детали
- понеделник, 20 април 2026
„Во првата година соработувавме со 10 општини кои мотивираа 1.000 волонтери да чистат низ градовите и селата. Имавме 26.000 волонтери во втората година, а во последните 2 години со нас се по околу 100.000 волонтери. И се разочаруваме кога ќе видиме дека исчистените места по неколку дена пак имаат фрлен отпад“, вели Гордана Софија за CRNOBELO.com.

Гордана Софија (48) 17 години работела како новинар во редакцијата на списанието Теа Модерна, а има и шестгодишно искуство во музички букинг на интернационална и домашна сцена.
Таа е управител на Мен енд Маунтен компанијата која е организатор, идеен творец и координатор на најголемата волонтерска еколошка акција во Македонија и на Балканот, Генералка викенд.
Сето ова, Гордана го прави заедно со Ханес Јекл (52), музички продуцент од Австрија со 30-годишно искуство во областа, а кој 6 години живее во Македонија и е ко-основач на Мен енд Маунтен заедно неа.
Во пресрет на новата, шеста по ред акција за чистење на државата, која ќе се одржи од 8 до 10 мај истовремено во 80 општини и на околу 800 локации, Гордана и Ханес во интервју ни раскажаа за својата идеја за создавање еколошки почиста земја и за кревање на еко-свеста кај нас.

Прочитајте го целото интервју за CRNOBELO.com:
Од каде потекна идејата за Генералка викенд? Верувавте ли дека ќе биде успешна акција која ќе стане традиција?
Многу, многу групи луѓе веќе имаа сопствени иницијативи да чистат места од отпад. Она што сакавме да го постигнеме со Генералка викенд беше да создадеме видливост на сите стотици иницијативи што се случуваа во текот на целата година и да им дадеме на овие активности поголема тежина во јавноста.
Генералка викенд беше наменет да биде национална традиција, но за еден настан да прерасне во традиција, мора да се прави секоја година.
И со помош на стотици организации, и на многу волонтери, тој стана многу повеќе од само традиција: прерасна во национално движење.
Многу сме горди што во Генералка викенд сите политички партии, сите компании, сите невладини организации и сите граѓани со сите културни потекла имаат свое место, бидејќи станува збор за основната човечка потреба: живеење во здрава и човечка средина.

Како изгледаше првото издание во однос на волонтери, бројност на луѓе што ви помагаа, локации кои се чистеа?
Во првата година соработувавме со 10 општини кои мотивираа 1000 волонтери да чистат места во градовите и селата.
Нивните повратни информации беа толку позитивни што продолживме со 26.000 волонтери во втората година... потоа 54.000 во третата година... и последните две години со сите 81 општина и вкупно 100.000 волонтери.
Интересно е што најпозитивниот исход од Генералка викенд не е само почисто место, туку тоа што луѓето повторно направија нешто заедно и постигнаа заеднички успех.
Ова е најголемиот аргумент за многу волонтери повторно да се приклучат следната Генералка викенд, бидејќи едноставно уживаа во активностите со своите пријатели, соседи, колеги, соученици... заедно.
Ова е една од големите причини зошто Генералка викенд е толку позитивен настан. Ги зближува сите повторно.

Како изгледа да се собере над 1,5 милиони отпад во само неколку години?
Земајќи предвид дека беа потребни повеќе од 100.000 луѓе во 5 Генералка викенд акции за да ја соберат оваа количина отпад, огромниот проблем со кој се соочуваме во нашата земја можеме да го доживееме на сопствена кожа.
Лесно е да се фрли вреќа со отпад од вашиот автомобил, но ќе бидат потребни многу луѓе и време за да се собере тој отпад.
Ваквото фрлање на отпадот нема никаква врска со индивидуалната слобода или колку е некој сool.
Тоа е само поврзано со недостаток на емпатија кон сопствениот народ и земја.
Луѓето кои ја развиле таа навика да го прават тоа не се однесуваат вака кога се надвор од Македонија.
Но, нивното однесување очигледно одразува длабока омраза кон нашата земја и сопствената заедница.
Оваа омраза се одразува во физичката штета што луѓето ја доживуваат секој ден. Значи, пораката е јасна: загадувачите уништуваат животи!

Дали се разочарувате кога ќе видите дека локацијата што сте ја исчистиле денес, по некој ден е повторно полна со отпад?
Да! Секој нормален човек мора да биде разочаран кога ќе го види тоа.
Значи, имаме две можности: да се откажеме, да ги затвориме очите и да избегаме оттука или, ако ја сакаме својата земја, да ја започнеме борбата за подобро.
На крајот, љубовта е секогаш посилна од омразата, без разлика колку омразата кон сопствениот народ и твојата земја уништува, љубовта и довербата ќе ја обноват, и ќе ја направат двојно посилна!
