Љубовната приказна на Мартина и Крсте од Тетово: „Ме запроси со светлечки натпис и балони во ресторан во Косово“
- Детали
- понеделник, 18 мај 2026
„Крсте ме запроси во ресторан со куполи во Урошевац со светлечки натпис „Will you marry me“, црвени балони во форма на срциња, масичка со свеќи и цвеќиња… и во позадина одеше нашата песна „Perfect“ од Ед Ширан“, вели Мартина Страшеска (25) од Тетово, по професија правник, за CRNOBELO.com.

Мартина Страшеска (25) од Тетово, по професија правник, и нејзиниот свршеник Крсте Поткоњак (31), исто така од Тетово, по професија графички дизајнер, ја започнале нивната љубовна приказна на еден сосема спонтан начин.
Oд една реакција и порака на Инстаграм Стори до роматично запросување и љубов која трае веќе 5 години, тие уживаат во секој миг минат заедно.
Мартина споделува детали за нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Беше 11.11.2020 година – ден исполнет со земјотреси, но и ден што ќе го паметам цел живот.

Сосема случајно испив турско кафе (иако не пијам), а од филџанот „се појави“ машки лик и буквата К… без ни да помислам дека тоа ќе биде Крсте.
Истата вечер, по полноќ, добив порака од него како одговор на мое Инстаграм Стори.

Се мислев што да вратам, но срцето си го направи своето – пораката ја испратив точно во 01:01. И си реков, можеби е знак…

Од таа вечер започна нашата приказна – искрена, спонтана и без преправање.

После неколку дена се запознавме и во живо, сосема случајно и симпатично, а веќе на 20.11.2020 година излеговме на нашиот прв „дејт“ – во автомобил, поради корона мерките во тоа време.

Таму се случија нашите први моменти, односно првиот бакнеж, и неколку дена подоцна ја официјализиравме врската.

Денес, после речиси пет и пол години љубов, доверба и разбирање, сè уште уживаме во малите нешта – прошетки, патувања и заеднички моменти.

Не ни претпоставував дека ќе ме запроси токму на 16.06.2024 – мислев дека ќе биде друг ден, можеби дури и друга година.
