Аспен (26) од Аризона се пресели во Македонија: „Јазикот го научив сама, тука го најдов својот мир“
А што е со јазикот? Ти беше ли тешко да научиш македонски?
На почетокот беше многу тешко.
Учев сама, без никој да вежба со мене, и веројатно поминував повеќе време барајќи материјали отколку што навистина учев.
Откако запознав луѓе и дојдов во Македонија, стана многу полесно.
Најдов подобри ресурси, целосно сум потопена во јазикот и можам секојдневно да вежбам.
Исто така учам како луѓето навистина зборуваат, а не само од учебници или застарени форми.

Како те прифатија Македонците? Имаш ли денес искрени пријатели тука?
Беа многу гостопримливи. Имаше чувство на блискост и природно се поврзавме.
Немам сретнато никој во живо кој бил груб кон мене или да се однесува со непочитување.
Имам вистински пријатели тука денес, и многу ги сакам. Без нив, ќе ми требаше многу повеќе време да се прилагодам.
Здраво мои љубови - знам дека го читате ова и ме поддржувате!

Каде сакаш да излегуваш, имаш ли омилено место за кафе, за прошетка?
Обожавам да бидам во природа, тоа е голем дел од мене.
Моите родители исто ја сакаат природата, но на различни начини.
Татко ми беше војник, а мајка ми е многу ориентирана кон природен и холистичкиот начин на живот.
Еден од омилените спомени ми е риболов со мајка ми и вујко ми - фативме сом, го исчистивме и го испрживме. Само што ќе помислам на тоа, огладнувам.
Исто така сакам спортови во живо - прати ми локација и доаѓам.

Сакам и да пробувам нови ресторани. Обично поопуштени и традиционални места, за да ја научам кујната, но неодамна бев во Highlights во Штип и дефинитивно ќе се вратам - храната и атмосферата беа одлични.
Не одам често во клубови, но ако OFFMUSIC.MK или Makka Bar организираат настан - таму сум. Имаат одлични диџеи и можам да танцувам цела ноќ.
Кога станува збор за кафулиња, сакам да менувам. Во Прилеп, омилено ми е AURA, и обожавам да се качувам на Маркови Кули.
Имам посебна љубов кон Штип - се чувствува интимно, а сепак разновидно. Го сакам Corner Coffee за помирна атмосфера, Oneway за музика и добра енергија со пријатели, и Local Kitchen за поголеми друштва.
Но, најчесто, само шетам и уживам во околината.
А во Скопје ги сакам Minimum 808 и Kotur Café & Film.

Три работи во земјава што најмногу ти се допаѓаат се...
Мирот што ми го носи, пристапноста до природа, и македонскиот народ кој ја прави земјата тоа што е - културата, атмосферата, храната и гордоста.
Има една едноставност што ми е неверојатно убава.

