Д-р Синиша е наш гинеколог во Австрија и пионер во роботска гинекологија: „Роботот овозможува прецизност која човечка рака не може да ја постигне“
- Детали
- вторник, 12 мај 2026
„Работам во една од најголемите клиники во Северна Австрија. Овде станав првиот Македонец кој работи на најнапредните системи DaVinci. Тоа е врвот на денешната хирургија, кој овозможува третман на карциноми, ендометриоза и комплексни урогинеколошки случаи со невидена прецизност“, отрива д-р Синиша Трпчевски, специјалист гинеколог во онкологија и сенологија, кој веќе 10 години работи и живее во Австрија.

Д-р Синиша Трпчевски од Македонија веќе 12 години работи и живее во Австрија.
Откако завршил средно медицинско училиште, дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград, а денес ја носи титулата специјалист гинеколог во онкологија и сенологија.
Истовремено, тој е првиот Македонец кој имал можност да работи со роботските хируршки системи DaVInci, а ова го први пионер во роботската гинекологија.
Во Австрија, тој живее со неговата сопруга Наѓа, со која има и две деца – Клара и Јулијан.
Во интервју за CRNOBELO.com, д-р Синиша открива нешто повеќе за роботската хирургија и за неговата импресивна кариера:
Кога почнува да ве привлекува медицината како наука? Дали можеби сте размислувале и за друга кариера?
Љубовта кон медицината, а конкретно кон гинекологијата, е „семејно наследство“.
Мојот татко беше пионер во лапароскопската хирургија и еден од првите во Македонија кој започна со ин-витро оплодување.
Гледајќи ја неговата посветеност и патот по кој чекореше, кај мене природно се роди желбата да продолжам по истите стапки. Никогаш не размислував за друга кариера; медицината за мене не е само професија, туку повик.
Како ја избравте специјализацијата?
Изборот беше логичен след на мојата фасцинација од хирургијата и желбата да им помагам на жените во најкритичните моменти од нивниот живот.
Сакав да ја спојам традицијата со најновата технологија, што ме доведе до фокусот врз онколошката гинекологија.
Кои се најголемите предизвици со коишто сте се соочиле во кариерата? Дали некогаш сте помислиле да се откажете?
Најголемиот предизвик беше преселбата во Виена по студиите. Почетокот беше тежок – од учење на германскиот јазик од нула, преку долгиот процес на нострификација на дипломата на Медицинскиот универзитет во Виена и полагањето испити во Австриската комора.
Потребна беше огромна дисциплина и жртва, но ниту во еден момент не помислив да се откажам. Мојата цел – врвна едукација – беше посилна од секоја пречка.
Вие сте првиот македонски гинеколог кој работи со роботска хирургија. Како стигнавте дотаму?
Потрагата по подобра оперативна едукација ме однесе во една од најголемите клиники во Северна Австрија, каде работам веќе 10 години.
Таму ја добив можноста да се обучувам и да станам првиот Македонец кој работи на најнапредните системи DaVinci.
Тоа е врвот на денешната хирургија, кој овозможува третман на карциноми, ендометриоза и комплексни урогинеколошки случаи со невидена прецизност.
