Љубовната приказна на Тијана и Игор Алексовски: „Го откажа првиот состанок - мораше да замине со фудбалската репрезентација“
- Детали
- понеделник, 22 јуни 2026
„Кога требаше првпат да се видиме официјално, во последен момент ми се јави и кажа дека мора веднаш да замине за репрезентација. Ми рече: ‘Се враќам за 7 дена и ти си моја’. И навистина е така“, вели Тијана Алексовска, сопругата на нашиот фудбалски голман, за CRNOBELO.com.

Игор Алексовски (31), кој е еден од голманите на нашата фудбалска репрезентација, и неговата сопруга Тијана (31), која работи во Министерство за земјоделие, се во брак 7 години и имаат две ќерки.
Тијана и Игор се знаат уште од деца, а симпатиите меѓу нив се појавиле кога веќе биле средношколци.

Но, пред првиот официјален состанок, Игор, кој во моментов брани за „Фламунтари“ во Албанија, морал да го откаже и итно да замине на пат со репрезентацијата. Кога се вратил по една недела, се виделе и оттогаш се неразделни.
„Со Игор сме родени со само четири дена разлика, тој е постар од мене. Заедно сме 14 години, а во брак 7.
Имаме две ќерки: Дариа, која наскоро ќе наполни 5 години, и малата Ања, која неодамна наполни една година“, вели Тијана за CRNOBELO.com.

Таа ни ја раскажа нивната љубовна приказна:
Како и кога почнавте да се гледате со Игор?
Нашата приказна е навистина долга и посебна затоа што практично пораснавме заедно.
Заедно завршивме основно училиште и се знаевме уште од деца.
Игор отсекогаш беше убаво и мирно момче, ама симпатиите почнаа подоцна, кога имавме околу 16 години.
Секој ден го гледав кога се враќаше од тренинг, често се среќававме на автобуска, па почнавме намерно да одиме заедно на училиште.
Малку по малку, почнавме постојано да си пишуваме и да комуницираме.
Интересно е што кога требаше првпат да се видиме официјално, во последен момент ми се јави и ми рече дека мора веднаш да замине за репрезентација.
Ми рече: „Се враќам за 7 дена и ти си моја“.
И навистина така беше. Од 15 јуни 2012 година до ден-денес сме заедно.

Со што те освои тој?
Првично со изгледот, не дека е мој, ама најубав е (ха, ха).
Најмногу со неговата добрина и искреност.
Игор е многу мирен, скромен и повлечен човек, што е целосна спротивност од мене.
Но, токму тоа ми привлече. Никогаш не глумеше нешто што не е и секогаш правеше да се чувствувам сигурно и сакано.

Колку сте слични карактерно? Кој му е најголем квалитет, а која најголема мана на Игор?
Карактерно сме доста различни.
Јaс сум поотворена, покомуникативна и поемотивна, а Игор е позатворен и потивок тип.
Но, мислам дека токму затоа толку добро функционираме.
Негов најголем квалитет дефинитивно е тоа што е предобар човек и неверојатен татко.
Секогаш семејството му е на прво место.
Малку му е мана што знае да биде премногу затворен во себе и понекогаш тешко ги споделува емоциите.

Кој е поизбувлив, а кој прв попушта при расправија?
Дефинитивно јас сум поизбувлива.
Игор е многу посмирен од мене, но сепак јас прва попуштам. Тој за тоа е доста егоист и горделив.
Но, со годините научивме дека разговорот е најважен.
