Мила одгледува шумски јагоди: „Се вљубив во вкусот, си зедов коренче и засадив во саксија на тераса во Скопје“
Во следните години почнав да се интересирам за градинарење, да читам, да експериментирам, го средив запуштениот двор покрај зграда, ги преселив таму растенијата што се мачеа на терасите и полека почна да ми станува јасно како сето тоа функционира, почнав да ги гледам работите од аспект на растението.

На пример, кога ќе ти кажат „јагода сака сонце“, мораш да сфатиш дека прво, ова е дива јагода, далеку понежна од питомата (мазни, тенки листови што горат на јако сонце), и, второ, сонце на висока планина на 25 степени целзиусови во лето, не е исто што и сонце на 40 степени, во центар на Скопје.

Заради тоа најдов начини да го копирам нивниот оригинален дом и ги сместив под други повисоки растенија - дрвја што даваат шарена сенка, малини, капини, рибизли...

Забележав дека се шират по хоризонтала (пуштаат „рачиња“ и се фаќаат за местото што ќе го изберат и така се закоренуваат) и дека не бараат длабочина, туку ќе се зафатат и на површината на трупец, скапана гранка, еднаш дури и на коска што кучињата ја заборавиле во двор.

Откако се преселивме на село, јагодите се преселија со нас, си добија свои леи со убава хумусна земја, се раширија насекаде и се едни од најуспешните растенија на имотот.

Сега знам дека ако ги пресадам на дождлив ден во рана пролет, дури и да се веќе во цвет, тоа нема да им смета да родат, знам дека секоја следна година ќе имаат поголем род, знам дека пиревината - најбруталниот коров кај нас - бега од нив, дека сакаат да бидат во друштво на маточина и јаглики, дека ако има зрела јагода за берење, мирисот ќе ни каже, дека после обилен дожд е подобро да почекаме ден два за берење, зашто вкусот ќе биде разводнет и нема да бидат толку благи, дека иако сите други типови јагоди ќе бидат масакрирани од полжави, овие ќе бидат поштедени итн.

Значи, доколку ги сретнете дивите јагоди летово и сакате нивната магија да ја донесете со вас дома, тоа е сосема возможно и лесно, за почеток им треба само влага и сенка, а понатаму самите ќе ви кажат“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
