Лиле Микова, мајка херој: „На 1 година му донирав дел од мојот црн дроб на син ми - само сакав да го спасам“
Како изгледаше денот на операцијата во ноември 2016 година? Колку траеше операцијата?
Утрото нè подготвија за операцијата - и мене и мојот син. Сите тројца заедно со сопругот се помоливме на бога и се препуштивме во божји раце.
Потоа нè одведоа во сала за операција. Операцијата се одвиваше паралелно кај двајцата и траеше неколку часови.
Подоцна, јас бев на интензивна нега еден ден и ме префрлија во нормална соба, а Ведран остана неколку денови под посебен надзор, додека лекарите внимателно ја следеа неговата состојба.
Тие беа најдолгите часови исполнети со надеж, вера и неизмерна желба нашето дете да добие шанса за живот.

Дали имавте стравови дека нешто може да тргне наопаку? Како лекарите ве подготвија за ризиците?
Имавме преголеми стравови, бидејќи уште пред операција лекарите нè информираа за сите ризици што можат да се појават по трансплантацијата.
Најголемиот страв беше да не дојде до отфрлање на органот и неизвесноста дали организмот ќе го прифати графтот (графт е орган што се пресадува од еден човек (донор) на друг човек (примател) за да се замени оштетен или нефункционален дел од телото, во случајов бубрег).

Што беше најтешко во целиот процес? Како реагираше вашето дете по операцијата?
Како што и на секој родител, така и на нас, најтешко ни паѓаше да го гледаме нашето дете приковано за болничкиот кревет.
Меѓутоа Ведран беше толку ведро, насмеано, позитивно дете што нè тераше да забораваме на сета мака.

Каков беше периодот на закрепнување? Колку животот ви се промени по трансплантацијата?
На почетокот Ведран имаше многу намален имунитет, а дополнително примаше и имуносупресивна терапија. Имуносупресивите се терапија што се зема цел живот за организмот да не го отфрли графтот.
Па, така тој беше многу чувствителен и често имаше настинки и инфекции.
Тој период беше тежок и бараше постојана грижа и внимание, а болниците ни беа втор дом.
Но, како што растеше, така и неговиот имунитет постепено се подобруваше. Од ден на ден стануваше посилен поздрав и поиздржлив.

Дали денес вашето дете живее нормално детство? Како се чувствувате вие, имате ли некакви проблеми?
Денес Ведран има веќе 10 години и живее сосем нормално детство. Оди на училиште, си игра со другарите, ја има сета поддршка од неговите другарчиња и од наставничката.
Тие имаат преголемо разбирање за неговата состојба и јас сум им бескрајно благодарна за тоа.
Инаку, јас донирав дел од црниот дроб, односно 20% од него. Така ми беше објаснето и јас немав апсолутно никакви проблеми.
После 6 месеци ги направив сите испитувања, а мојот црн дроб беше целосно регенериран и јас си функционирав најнормално, исто како и пред операцијата.
