Наталија Данаилова за родниот град: „Во Богданци зад куќата имам рид, се будам со песната на птиците, гледам зајдисонца“

И ден денес ридот е моето место, место за пикник со внука ми, каде заедно уживаме во најубавите зајдисонца за мене.

Браната Паљурци е исто така место со кое се сврзани безброј спомени.
Од седенки со друштво со гитари до раните утрински часови до дестинација до која одевме пешки со другарки, а понекогаш беше и градска плажа.

Пазарниот ден недела беше атракција и со нетрпение го чекав. Толку многу луѓе на едно место.
Паметам продавав понекогаш кајсии и праски со дедо (од мали нè учеше дека треба да заработуваме), ама мислам дека повеќе трошеше на мене, отколку што заработувавме, зошто сакаше да ми угоди и заработувачката ја дававме на некоја блуза и за сладоледи.

Родниот крај е место за обожување зошто е секогаш топло и времето и луѓето, секој е добредојден и нагостен.

Во Богданци нема како да испиеш кафе сам во кафуле, келнерот би седнал со тебе и би ти кажал: 'Aj да не седиш сам, дури и тоа да ти било желбата или потребата'“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
