Ангел Ѓоревски има 2 локали за крофни на Малта: „Почетоците со документите беа тешки, работам со родителите, сестра ми и баба ми“
- Детали
- сабота, 20 јуни 2026
„Денес сум сопственик на Donut Box & More, семеен бизнис кој успешно работи веќе три години. Имаме две локации на Малта – едната во Сан Гван, а другата во Сан Пол ил-Бахар (Буџиба). Балканците отсекогаш ни се поддршка, но и локалците“, вели Ангел Ѓоревски (29) од Скопје, кој 12 години живее на Малта. Тој работи со крофни, но нуди и наш бурек, а имаат и брендирано комбе за да се присутни на разни настани низ Малта.

Ангел Ѓоревски (29) од Скопје, Македонија повеќе од една деценија живее и работи во Малта, а во Рабат го изградил својот живот и бизнис.
Рабат е историски утврден град на островот Малта, познат по своите катакомби, средновековно наследство и близината до древниот град Мдина.
Ангел со своето семејство таму успеал да изгради успешен бизнис за продажба на крофни, веќе има два локали, плус и комбе кое ги претставува нивните производи на разни фестивали и настани на Малта.

Ангел ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
„На Малта се преселив пред 12 години бидејќи чувствував дека таму ќе имам повеќе можности за личен и професионален развој.
Искрено, во тој период бев разочаран од состојбите во Македонија, особено од корупцијата, бавната администрација и чувството дека многу работи не зависат од трудот и способностите на човекот.

Сакав да живеам во средина каде што со работа, упорност и добра идеја можеш полесно да напредуваш и сам да си ја создадеш својата иднина.

Почетоците не беа лесни. Требаше да се прилагодам на нова средина, нов јазик, култура и начин на работа.
Покрај тоа, еден од поголемите предизвици беше и регулирањето на потребната документација.

Како и секаде во светот, добивањето на документите не е лесен процес и бара време, трпение и исполнување на многу услови.
Но, штом еднаш ги добиеш и ги завршиш сите процедури, работите стануваат многу поедноставни и можеш целосно да се посветиш на работата и на градењето на својата иднина.

Со многу труд, упорност и желба за успех, чекор по чекор успеав да го најдам својот пат.

Денес сум сопственик на Donut Box & More, семеен бизнис кој успешно работи веќе три години.
Имаме две локации на Малта – едната во Сан Гван, а другата во Сан Пол ил-Бахар (Буџиба).
