Бојан од „Сител Бамбини“: „И денес ме препознаваат на улица и тоа ми е навистина драго“
- Детали
- четврток, 18 јуни 2026
„Децата во тоа време беа искрени, безгрижни, немаа мобилни телефони и не беа опседнати со социјални мрежи. Беа дојдени да се дружат едни со други, да се натпреваруваат, да се радуваат, да играат и да се забавуваат“ - се сеќава Бојан Гиевски, водител на „Сител Бамбини“.

Бојан за многумина во Македонија останува едно од најпрепознатливите детски телевизиски лица од култната емисија „Сител Бамбини“. Почетоците во телевизијата ги има уште како дете, а денес неговиот професионален пат е сосема поинаков - граден во светот на финансиите и корпоративното работење.
Во разговор со него се навративме на убавите спомени на своите први чекори пред камерите, најубавите спомени од емисијата и лекциите кои ги носи од тоа искуство до денес.
Како започна твојата приказна во „Сител Бамбини“? Која година?
Се започна далечната 1997 година. Бев дел од едно драмско студио со кое редовно одржувавме новогодишни претстави за деца. Во периодот додека ги подготвувавме, дојде Ристо Самарџиев, бидејќи веќе во тој период беше во потрага по нови лица за емисијата. Ги контактираше моите родители кои потоа разговараа со мене.
Нашето заедничко “ДА” беше пресудно јас да завршам на малите екрани како водител на „Сител Бамбини“. Се друго е историја.

Колку години имаше кога првпат застана пред камерите?
Имав 8 години, бев второ одделение и ден денес сеуште го памтам моментот како вчера да беше, кога првпат застанав на бина и кога требаше да ја направам првата најава.
Кој момент од емисијата никогаш нема да го заборавиш?
Првиот момент на кој секогаш се сеќаваме со насмевка е кога сестра ми, која тогаш имаше само 2 до 3 години, падна од една од коцките од сценографијата додека се обидуваше да се искачи.
Потоа стана сама и продолжи да игра како ништо да не се случило. Тој момент е снимен и често го гледаме и денес и се смееме.
Да ги спомнеме колегите од тој период - со кого беше најлесно да се работи?
Со сите беше лесно, бидејќи сите имавме иста цел, секоја емисија да биде посебна, поинтересна од претходната и запаметена од гледачите.
Имам навистина прекрасни спомени со сите нив. Со некои се гледам и денес, со други не сум се видел одамна, но навистина не би можел да издвојам никого посебно бидејќи уживав во работата со сите.

Дали и денес те препознаваат како „Бојан од Сител Бамбини“?
Апсолутно да, многу често ми се случува тоа и ден денес. И тоа секаде, во продавница, маркет, луѓе на улица знаат да ме препознаат и тоа ми е навистина многу драго, затоа што тоа значи дека сум оставил убав впечаток и дека емисијата им значела на многумина.
Кои беа најзабавните случки зад камерите?
Од заборавено сценарио, непланирани реклами со цел режија да те потсети што е следно, до проблеми со костими и облека кои сме ги носеле, доцнење на гости, прерипување на CD кога ќе ни донесе некој гостин за песна, дружби со дечињата од хорчето, нашите моменти како тим кога се подготвувавме пред емисија и задоволството од успешно реализирана емисија, се тоа се моменти кои не можам да ги заборавам.
Какви беа децата кои доаѓаа во емисијата во споредба со денешните генерации?
Беа искрени, безгрижни, немаа мобилни телефони и не беа опседнати со социјални мрежи. Беа дојдени да се дружат едни со други, да се натпреваруваат, да се радуваат, да играат и да се забавуваат.
Нашата цел беше да во тие 2 часа да им направиме убава забава и разонода со цел да можат да имаат убави спомени од детството, што после толку години се покажа дека нашата мисија и цел биле успешни бидејќи носталгијата по Сител Бамбини која денес постои значи дека навистина им будиме спомени од детството на кои сакаат да се присетат.

Дали чувствуваше дека пропушташ дел од детството поради телевизиските обврски? Што научи од телевизијата уште како дете?
Не можам да кажам дека пропуштив дел од детството заради телевизиските обврски, само имав една обврска плус, јас секогаш така гледав на тоа.
Уште од тогаш имав нешто за кое знаев дека треба да се трудам, да научам дисциплина, работна етика, колегијалност и почитување на тимот.
Тоа ме созреа пред другите, ме научи на поинакви вредности, но од друга страна никогаш не дозволив да порасне детето во мене.
Тоа дете и ден денес живее и се гордее со тој Бојан од „Сител Бамбини“, бидејќи оставил една голема трага во медиумските етер во Македонија.