Бојан од „Сител Бамбини“: „И денес ме препознаваат на улица и тоа ми е навистина драго“
Која песна или рубрика од „Сител Бамбини“ прва ти паѓа на памет?
Најавната шпица и песна се нешто што и денес го памтам и не ми излегува од глава, а и сите тоа го памтат и го потпевнуваат.
Тоа дефинитивно ми е врежано длабоко во меморијата. Имавме „Бамбино квиз” тоа е рубрика која ќе ја памтам исто така бидејќи имавме контакт со гледачите во живо, беше супер искуство.
Што работиш денес и како изгледа твојот професионален пат?
Денес сум дел од една британска компанија, која е раширена во 85 држави во светот. Работам како раководител на секторот за наплата и имам одличен тим со кој навистина се гордеам.
Таму сум релативно кратко време, некаде околу 5-6 месеци, а пред тоа работев како finance manager на една швајцарска фармацевтска компанија која има претставништво во Скопје.
Јас студирав финансиски менаџмент на Економски факултет во Скопје, магистрирав во делот на логистика на бизнис, така што мојот професионал пат е целосно посветен во областа на финансии и е сосема спротивно од она што е телевизијата и медиумите.
Колку телевизиското искуство ти помогна во кариерата?
Многу. Со телевизиското искуство научив да немам трема од јавен настап, да имам течна мисла, да зборувам јасно со цел да можат сите да ме разберат.
Но од друга страна, ќе се навратам на она што го спомнав погоре – ја стекнав и таа работна дисциплина, тимска игра, посветеност и тоа дека само заедно како тим ако соработуваме можеме да имаме успешен проект и успешна емисија. Тоа е она што и денес во применувам во мојата професионална кариера.
Што мислиш дека им недостасува на денешните детски емисии? Ако добиеш можност да создадеш нова детска емисија, како би изгледала таа?
Недостасува емпатија, поврзување, непосредност, искреност... сите го бараат тоа некое совршенство, кое сме свесни дека не постои, а наједноставно е ако бидеме само свои. Доволно сме уникатни и тоа не прави совршени.
Ако добијам можност за таква емисија, дефинитивно основата на која би ја градел истата ќе биде онаа од „Сител Бамбини“.
Да можеме повторно да се поврземе едни со други, да бидеме емпатични, без социјални мрежи и да, барем додека трае таа емисија, да влеземе во светот на детето кое е безгрижно и да дозволиме детската фантазија да поведе во ново патување.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива